Преземените монетарни мерки, заедно со намалувањето на цените на храната и на енергентите на светските берзи, се факторите коишто влијаеа инфлацијата да се сведе на 3%, што е под просекот на земјите во Југоисточна Европа. Сепак, иако ценовните притисоци се намалуваат и инфлацијата е во постојан пад, имајќи предвид дека и натаму постои неизвесност, неоходна е претпазливост и внимателен пристап при водењето на макроекономските политики, посочи Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка во интервју за Гласот на Аммерика на маргините на годишните пролетни средби на Светската банка и ММФ во Вашингтон.
Глас на Америка: Како ја оценувате моменталната економска состојба во Македонија и кои се прогнозите за економски раст?
ММФ пред два дена излезе со најнови проекции според кои очекува стабилен глобален раст, со стапка од 3,2% оваа година, колку што беше и лани.Бежоска, гувернерка на Народната банка на Северна Македонија
Анита Ангеловска-Бежоска: Економските изгледи за нашата економија како мала, но со висок степен на трговска и финансиска отвореност, во голема мерка ќе бидат детерминирани од глобалните рамки. ММФ пред два дена излезе со најнови проекции според кои очекува стабилен глобален раст, со стапка од 3,2% оваа година, колку што беше и лани. Ова во основа значи мала нагорна ревизија на очекувањата за глобалниот раст, но ако се гледа од подолгорочен аспект, тоа се историско ниски стапки на глобален раст. Ако се фокусирам на нашиот најзначаен трговски партнер, тоа е ЕУ, очекувањата се дека ќе има надолна ревизија, и за нас, или околу 2,7%.
Глас на Америка: Во интервју за „Еуромани“, изјавивте, дека инфлацијата во регионот на Централна и Источна Европа, како и во Македонија е намалена на едноцифрени стапки, како резултат на водењето затегната монетарна политика од Централните банки и стабилизирање на светските цени на основните производи. Меѓутоа, основната каматна стапка останува над 6 %, а економскиот раст е под проектираниот?
Анита Ангеловска-Бежоска: Инфлацијата забавува во глобални рамки. Забавува и кај нас од високите глобални стапки кои што беа регистрирани околу 20%. Инфлацијата во првиот квартал е сведена на 3,4%, што е поволен тренд но ризиците се уште постојат и потребно е внимателно водење на макроекономските политики. Нашата проекција за инфлацијата за оваа година е дека таа би се движела во просек меѓу 3,5 и 4%, но тоа се должи на нашите проекции од минатата година. Тековно работиме на нови проекции и со новите бројки ќе излеземе наредниот месец. Но, досегашните остварувања кај инфлацијата од почетокот на оваа година, се поповолни од тоа што ние очекуваме. Ризиците се присутни во глобалниот контекст, кои што може да влијаат на побарувачката и потребно е внимателно следење на пазарот на трудот.
Глас на Америка: Oлабавувањето на монетарната политика во идниот период ќе зависи од три фактори − движењето на инфлацијата, на девизниот пазар, како и политиката на Европската централна банка, имајќи го предвид фиксниот девизен курс на денарот во однос на еврото. Кога и дали би можело да се очекува тренд на олабавување во Македонија?
Анита Ангеловска-Бежоска: И самите ги посочувате клучните пунктови од коишто зависи евентуалната промена на монетарната политика. Во делот на инфлацијата, засега трендовите се во линија на очекувањата на Централната банка, и доколку овие трендови продолжат кај инфлацијата, тоа ќе остави простор за водење на порелаксирана политика, односно започнување со циклусот на олабавување на монетарната политика. Во однос на девизниот пазар, движењата минатата година беа поповолни од тоа што ние очекувавме. Во моментов и натаму се јакнат девизните резерви. Европската централна банка ја задржува непроменета својата поставеност и се предвидува од јуни да започне циклус на релаксирање, а тоа ќе влијае на поставеноста на нашата монетарна политика. Генерално, ако овие трендови продолжат, може да се очекува во втората половина од годината, релаксирање на монетарната политика.
Глас на Америка: Народната банка на чие чело сте Вие, го поддржува и промовира женското претприемаштво како двигател на економскиот раст. Тоа го најавувате, јавно на трибини, но и за време изразување ваши лични ставови и коментари по медиумите. За што конкретно станува збор? Има ли опипливи резултати?
Поголема вклученост на жените во сферата на претприемништвото, би можел да резултира со глобален раст кој би бил за 5 до 6 трилиони долари. Ако се анализираат глобалните статистики, не само во Македонија, туку и во глобални рамки, вклученоста на жените во претприемништвото е многу мала.Бежоска, гувернерка на Народната банка на Северна Македонија
Анита Ангеловска-Бежоска: Женското претприемништво е глобално прашање за што има голема широка дискусија, дебата и емпириски проценки. Поголема вклученост на жените во сферата на претприемништвото, би можел да резултира со глобален раст кој би бил за 5 до 6 трилиони долари. Ако се анализираат глобалните статистики, не само во Македонија, туку и во глобални рамки, вклученоста на жените во претприемништвото е многу мала. Околу 30% од компаниите, сопственици се жени. Слични се бројките и на Западен Балкан. Јасно е дека сите носители на политиките во рамки на своите надлежности, неопходно е да преземаат повеќе мерки. Поголемата вклученост на жените во домашната економија, може да даде позначајни видливи резултати. Само 45% од жените се активно вклучени на пазарот на трудот, што е многу ниска стапка на вклученост, особено ако се земе во предвид проблемот со имиграцијата и недостатокот на работна сила. Народната банка склучи договор со Европската централна банка чија цел е да олесни пристапот на жените до финансии. Пристапот на финансии кај нас е помал. Над 60% од кредитите отпаѓаат на мажи, а 55% од севкупниот број на корисници на кредити се мажи наспроти жените.
Глас на Америка: Анкетата спроведена од Светската банка покажува дека Народната банка ужива највисока доверба кај јавноста помеѓу домашните институции во земјата. Дали тоа се должи на одржување стабилни инфлациски очекувања и стабилен курс на денарот?
Анита Ангеловска-Бежоска: Ме радува фактот што и покрај овие кризи со кои се соочуваме во изминатите неколку години, не е воопшто намалена довербата во Централната банка, туку, напротив е зголемена. Веројатно начинот на кој се справуваме со сите овие шокови, независно дали е инфлацијата или стабилноста на банкарскиот систем, одржувањето на стабилноста на курсот, се фактори кои влијаат за задржување на довербата кон Централната банка.