Линкови за пристапност

Светска банка: Економските изгледи за Западен Балкан се добри, но има и опасности


Економиите на земјите од Западен Балкан ќе растат, но неоходно е динамизирање на структурните реформи. Така велат анализите на Светска банка која денеска го презентираше полугодишниот извештај за државите од регионот.

„Изгледите за регионот се подобрија, но за да се зголеми приближувањето на висината на приходите со оние во ЕУ, што може да помогне во намалување на иселувањето од Западен Балкан, потребна е поголема фокусираност и имплементација на структурните реформи. Значи, потребно е забрзување на реформите неопходни за пристапување кон ЕУ. За Северна Македонија очекуваме зголемување на растот на 2, проценти. Нашата проценка се темели перформансите на градежниот сектор, изградбата на автопатиштата, јавните работи“, рече Сања Маџаревиќ-Шујстер од Светска банка.

Во минатата година земјава, во споредба со дргите држави, забележала најмал раст и тоа се должи на послабиот извоз. Од друга страна, Македонија, според експертите на Светска банка, успеала добро да се справи со инфлацијата, за разлика од Србија која имала најголема стапка на инфлација. Проценките се дека наредната година регионот ќе има раст од околу 3,5 проценти што е на нивото од пред пандемијата. Сепак, постојат ризици за економиите од регионот, како

„Ги гледаме ризиците на овие изгледи – доста политички тензии и геополитичките тензии влијаат врз севкупната трговија во светот. Би сакале да го нагласиме и фактот дека изборите го намалуваат темпото на реформите, изборните циклуси доаѓаат со одредени мерки кои не секогаш помагаат на економијата. Имаме неколку земји во регионот во кои ќе има избори, како на пример во Северна Македонија“, рече Маџаревиќ-Шујстер.

Светска банка смета дека на забрзување на економскиот раст на Западен Балкан може да помогне и планот за раст на регионот – иницијатива на Европската унија „тешка“ 6 милијарди евра кои треба да се инјектираат во наредните 3 години. Планот беше споменат и на форумот „ЕУ се среќава со Балканот“, што пред неколку дена се одржа во Софија.

„Во ноември 2023 година, претставивме нов План за раст за Западен Балкан и тоа треба да биде поттик за регионот да го зголеми својот економски раст и да ја зголеми социо-економската конвергенција со ЕУ. Но, не само тоа, тоа е и алатка за забрзување на реформската агенда во овие земји, за да им се олесни реализацијата на реформите“, изјави еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.

Европскиот совет и Европскиот парламент веќе постигнаа начелен договор за формирање на тело кое ќе биде клучен дел на Планот за раст за Западен Балкан.

XS
SM
MD
LG