Северна Македонија треба да извлече голема поука од последниот извештај на Фридом Хаус, велат аналитичарите. Државата е определена како цикличен хибрид, односно како држава во која и покрај постоење на плурализам, реформите немаат доволна сила да станат отпорни на назадување, заради што се случуваат напредувања и назадувања, и земјата на некој начин се врти во круг во однос на демократскиот развој, вели Миша Поповиќ од Институтот за демократија.
„Главната поука која треба да се извлече од овој извештај е да се погледне онаму каде сме назадувале, а тоа е правосудството и борбата против корупцијата, и тоа беше очекувано поради сето она што се случи во 2023 година, контроверзите во Судскиот совет, Бехтел и Енка, тетовската болница, онкологија... И тоа треба да даде поука“, вели тој.
За него наредниот период е критичен за да се определи колку бргу земјата може да си дозволи реформи за имплементирање на владеењето на правото.
„Дали е доволно да кажеме дека имаме реформи или ни се потребни скокови и спринт кон една состојба во владеење на правото која ќе биде отпорна на назадување?! Тука клучната улога ја има правната фела. Тие треба да кажат не на сите оние притисоци и очекувања кои доаѓаат од политичките и бизнис елити“.
Владеењето на правото ќе овозможи да се изгради ново општество во кое различните групи ќе имаат еднаквост пред законот, со цел да се намалат можностите за злоупотреба и креирање на тензии кои понатаму водат кон висока политичка поларизација, која што е еднакво важно третирана во овој извештај како пречка за развојот на земјата, додава Поповиќ.
Извештајот на Фридом Хаус нотира и притисоци врз новинарите кои што известуваат за висока корупција.
„Имаше неколку високо-профилни случаи минатата година. Тоа не е добро за државата, бидејќи имавме случаи во коишто и самиот суд беше вклучен. Каде се изврши притисок врз истражувачката репортерска лабораторија, преку една контроверзна пресуда, каде беше укажано дека овој непрофитен медиум не бил медиум“, вели Дарко Дуридански од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Тој се надева дека тоа ќе биде единствен таков случај, односно дека притисоците од разни политички и економски и друг вид на интересни групи ќе биде намалени или ќе ги нема.
Сепак најголеми критики во извештајот има за владеењето на правото и борбата против корупцијата, области за кои се вели дека државата потфрлила, како и за судството каде како пример се посочува назначувањето на членови на семејства на судии и обвинители, што ја зголемило перцепцијата за непотизам во правосудството.