Премиерот и министерот за внатрешни работи повторно во кавга околу ситуацијата со личните документи.
Панче Тошковски вели дека постои можност, поради доцнењето во процесот на изготвување лични документи со новото уставно име, повеќе од 100 000 граѓани да не можат да го остварат своето право на глас на претстојните претседателски и парламентарни избори. „Како не им е срам. Пратениците и функционерите нека си ја сработат работата за која плата земаат“, изјави Тошковски.
Премиерот Џафери, пак, тврди дека има доволно време до изборите за граѓаните да ги добијат документите со кои ќе може да гласаат. Џафери тоа го аргументира со податоците кои ги добил од МВР.
„Статистиките кои се показател на работата на МВР зборуваат дека од 1 февруари до 29 февруари вкупно барања за патни исправи има 123 983, од кои изготвени се 95 267 патни исправи. Примени барања за лични карти има 82 235, а изготвени лични карти се 71 410“, изјави денеска Џафери.
Државната изборна комисија бара измени на Изборниот законик – внесување на преодна одредба, само за овие избори, за важење на личните документи со старото име.
„На најмалку 100 000 луѓе ќе им биде ускратено правото на глас, без уво да им чуе на пратениците и на функционерите кои до вчера не убедуваа декасе е розово во државата. Како не им е срам. Нека си ја сработат работата за која плата земаат, изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
„Имајќи предвид дека има уште 50 дена до изборите, со оваа динамика 100. 000 на лица што се вртат како информација дека немаат документ, во текот на март месец можат сите да се опремат со соодветни документи. Но, треба секој еден граѓанин да иницира да добие соодветен документ. Ова е по динамика на работа на МВР. Што ако дојдеме во ситуација определен број граѓани да немаат документ, е тоа е ситуација за размислување и имајќи предвид дека има време секој граѓанин да иницира навремено барање за вадење документ, а отпосле наша обврска е да излеземе со соодветна одлука.“, изјави Талат Џафери , технички премиер.