„НАТО е многу повеќе од економски и безбедносен сојуз. Тој во себе содржи и економска мрежа од можности чие искористување зависи од самите нас“, вели вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
За тоа да се случи денеска во Скопје се одржа НАТО индустриски ден кој треба да помогне во приближувањето на домашните компании кон пазарот поврзан со производи и услуги наменети за потребите на Алијансата.
„Станува збор за значаен пазар од околу 5 милијарди евра на годишно ниво кој не смееме да го пропуштиме. Мора да бидеме амбициозни, да се натпреваруваме со квалитет и со капацитети и да докажеме дека македонските компании, технолошки и развојно можат да одговорат на барањата и да бидат конкурентни со компаниите во сојузничките земји“, изјави министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Иако земјава веќе четири години е дел од најмоќниот воено-политички сојуз, таа, покрај безбедносните, се уште докрај не ги ползува и економските бенефити од членството.
„Иако нашата Агенција сѐ уште нема потпишано договор со индустриите од Северна Македонија, ние сме оптимисти дека тоа наскоро ќе се промени и тоа е една од причините што сум денес тука. Со нетрпение очекувам да се поврзам со различни компании и со вас за да разговараме за бизнис можностите за време на мојот брифинг и на билатералните средби“, изјави директорката за набавки во НАТО, Џенифер Аптон.
Во ситуација на војна во Украина која засега не покажува знаци дека наскоро ќе заврши, и која меѓу другото покажа дека има потребата од навремено планирање и наменско производство, НАТО се повеќе се насочува кон здружување на индустриските капацитети на земјите-членки.
„Минатата година Генералниот секретар кажа дека без индустрија нема одвраќање и нема одбрана. Здружувањето на способностите на индустријата од сите земји на Алијансата за унапредување на технологијата, поддршката и напредок на НАТО е од клучно значење“, изјави Стејси Камингс, генерална менаџерка на НАТО агенцијата за поддршка и набавки.
Со зачленувањето во НАТО во 2020-та се отвори можност за учество на македонските компании на НАТО пазарот кои за да имаат пристап претходно треба да добијат соодветни НАТО сертификати и да се впишат во регистарот на економски оператори. Во 2021 се впишале 8 фирми, во 2022 -11, во 2023 - 21 компанија, а годинава 4, или вкупно 44 домашни компании.