Линкови за пристапност

Познавачи коментираат: Претседател избран во Собрание би имал помалку ингеренции


За сега ниту СДСМ ниту ВМРО ДПМНЕ, не го прифаќаат условот за избор на претседател на државата во парламентот
За сега ниту СДСМ ниту ВМРО ДПМНЕ, не го прифаќаат условот за избор на претседател на државата во парламентот

Условот што Али Ахмети и Арбен Таравари го поставуваат за избор на претседател и потпретседател на државата во Собранието, наместо преку избори, е насочен кон нивните гласачи и може да биде контрапродуктивен, коментираат познавачи на домашните политички состојби.

Условот што Али Ахмети и Арбен Таравари го поставуваат, дека нема да има Влада без уставни измени за избор на претседател на државата во Собранието во иднина, претставува теза и идеја, која не е нелигитимна, но е насочена кон сопствениот електорат во обид да се придобијат што е можно повеќе гласови, вели новинарот Бранко Героски. Според него ДУИ и албанската опозиција ќе играат со овие чувствителни наративи.

„Така што дебатата може да се отвори, но сега пред избори особено како некаква нокаут политика пред изборите мислам дека тој нема некакво големо значење во целокупната кампања, освен што албанските лидери ќе го искористат да им се додворуваат на своите избирачи“, вели Героски.

Аналитичарот Бесим Небиу очекува ваквите ветувања да се пренесат и во кампањата за парламентарните избори.

„Мислам дека како такво ова ветување ќе го дефинира изборниот процес, посебно во првиот круг во кој што учествуваат двата албански кандидати и веројатно ќе се пренесат и во платформите на политичките партии на парламентарните избори, во делот каде ќе се зборува за уставните измени“, вели Небиу.

Претседателот ќе биде англиска кралица, а заменик претседателот веројатно нешто како принц, англиски принц, значи луѓе без никакво значење и моќ и без никакви овластувања
Бранко Героски, новинар

Героски додава дека е посериозен притисокот што Ахмети го прави врз македонските политички партии, пред се кон СДСМ, во очекување, веднаш после изборите, пред да се состави новата Влада, да се донесат измените на Уставот, и да се вметнат Бугарите во него.

„Тоа е малку почувствително прашање, за кое нема и нема да има поддршка и после изборите за овој конкретен предлог. И мислам дека тука всушност се крие онаа трик идеја со која Ахмети ќе се обиде да врши притисок, бидејќи тоа прашање тој го поставува и со уцена, ако не успееме вели да ги издејствуваме уставните измени, веднаш по изборите, пред да се состави новата Влада ние ќе одиме во опозиција. Можеби ќе го видиме и тоа чудо“, посочува Героски.

Во однос на барањата, за избор на потпретседател на државата, Небиу, смета дека земјата дека нема да добие многу со тоа. Героски, пак, дека тој концепт нема политичка смисла, бидејќи со тоа ќе се намалат ингеренциите на претседателот.

„Посебно што тоа не е типично за парламентарни демократии во кои што претседателот има ограничена функција, односно ингеренции во однос на надворешните работи, одбраната и сигурноста“, вели Небиу.

„Претседателот ќе биде англиска кралица, а заменик претседателот веројатно нешто како принц, англиски принц, значи луѓе без никакво значење и моќ и без никакви овластувања. Луѓето во Македонија си заминуваат од родните огништа, Албанците дури и повеќе од Македонците. И во такви услови да одиш кај луѓето и да им кажеш вака ќе бираме претседател, ќе имаме повеќе во оваа или во онаа институција, ќе стане дури и во перцепцијата на Албанците контрапродуктивно“, смета Героски.

За сега ниту СДСМ ниту ВМРО ДПМНЕ, не го прифаќаат условот за избор на претседател на државата во парламентот.

XS
SM
MD
LG