Линкови за пристапност

Таравари делува по наредби кои не се за доброто на Алијанса за Албанците, вели Села во интервју за Гласот на Америка


Села: Таравари делува по наредби кои не се за доброто на Алијанса за Албанците
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:45 0:00

Села: Таравари делува по наредби кои не се за доброто на Алијанса за Албанците

Зијадин Села од Алијанса за Албанвите не ја исклучува можноста за заеднички настап на изборите со ДУИ и СДСМ.

„Се наоѓаме во многу чувствителен политички момент и како резултат на тоа, такви ќе бидат и чекорите на Алијансата за Албанците. Има регрупирања, а до моментот до кога зборуваме, ние имаме одлука на централното претседателство дека одиме сами. Во наредниот период пак ќе имаме средби, ќе ја гледаме политичката ситуација и врз основа на тоа ќе одлучиме“, вели Села во интервју за Гласот на Америка на македонски.

Интервјуто е уредено заради јасност

Глас на Америка: Како дојде до поделба внатре во Алијанса за Албанците?

Села: За право на вистината не е поделба, туку поранешниот претседател избега од структурите и членството на партијата и избега од позицијата претседател на партијата. Значи не се работи за поделба, туку господинот одлучи да не биде повеќе претседател на партијата и да избега во други политички опции и тоа е вистината.

Глас на Америка: Тоа значи дека Таравари не е повеќе легитимен претседател на Алијанса за Албанците?

Зијадин Села: Ако бегаш од некаде, не знам за каква легитимност зборуваме. И ако беше повикан после тој чин и во централното собрание и во конгресот, не дојде да се соочи со членство.

Глас на Америка: Што се случи за да дојде до такво нешто?

Села: За тоа треба да одговара г-дин Таравари. Мојот впечаток е дека Таравари, делува по наредби. Не знам сега од кого зема наредби, но тие наредби не се за доброто на Алијанса за Албанците како прво и за граѓаните на Република Северна Македонија.

Глас на Америка: Ве обвинуваат за фракција која е блиска на ДУИ и Али Ахмети?

Села: Не е вистина. Знаете живееме во ера на социјални мрежи и сега лагите многу бргу се шират. Кој сум јас добро знае јавноста и какви политички битки сум водел и за тоа е добро запознаена. Се додека бев претседател на АА, Алијанса на Албанците беше на прав пат и јасно беа дефинирани нештата, кој со кого е политички противник, кој беше во опозиција, а кој на власт и кој го водеше тој фронт за промени. За жал многу неубави работи се случија, откако јас дадов оставка. И сега се враќам за да Алијанса за Албанците продолжи по патот по кој беше.

Глас на Америка: Ако судот во Тетово, одлучи во корист на Таравари, тогаш кој ќе биде вашиот следен чекор, односно под кое име ќе настапите на изборите?

Села: Нема никакво правно право, да има поинаква одлука, од таа која ја кажав. Кога некој бега од одговорноста, бега од структурите, бега од централното претседателство, конгресот, почнува да работи со самоволие и него почитува статутот на партијата, одлуката на Судот треба да биде во корист на Алијанса за Албанците, т.е во корист на статутот на партијата и ние ќе го добиеме тој спор.

Глас на Америка: Ако се случи спротивното, како тогаш ќе настапите на изборите?

Села: Ќе седнеме со членството и ќе разговараме. Но без разлика на печат и се, јавноста знае, кој е симболот на Алијанса за Албанците.

Глас на Америка: Како ќе настапите на изборите, заедно со СДСМ и ДУИ или самостојно?

Села: За жал во ваква ситуација и темпото со кое се развиваат политичките случувања во државата, ние се наоѓаме во многу чувствителен политички момент и како резултат на тоа, такви ќе бидат и чекорите на Алијансата за Албанците. Има регрупирања, а до моментот до кога зборуваме, ние имаме одлука на централното претседателство дека одиме сами. Во наредниот период пак ќе имаме средби, ќе ја гледаме политичката ситуација и врз основа на тоа ќе одлучиме. Се додека нема друга одлука, Алијанса за Албанците продолжува сама на избори да оди.

Глас на Америка: Значи може да се случи да настапите заедно со СДСМ и ДУИ?

Села: Јас сум против самоволие во партијата. И не се работи за мој личен став, како треба да одиме, туку за тоа треба да одлучат структурите на партијата.

Глас на Америка: Може да го кажете вашиот личен став?

Села: Не е мој личен став, туку на секој член на партијата е гарантирано право да се каже внатре во структурите на партијата.

Глас на Америка: Како го коментирате здружувањето на останатите опозициски албански партии?

Села: Ако ги гледате сите еден до еден, сите чинители, кои се во таа групација, која не би ја нарекол опозициска, бидејќи не знам каква е логиката да се нарече опозиција Изет Меџити, кој 22 години беше потпретседател на ДУИ, или каде го добил тој прекар Билал Касами, кој беше во коалиција со СДСМ во коалицијата „Можеме“ и тој ја формираше Владата, и гласаше за програмите на Владата. Да не зборуваме за Африм Гаши итн. И затоа не би рекол дека заслужуваат да се нарекуваат опозиционери и како такви не најавуваат промена и ниту нема да успеат. И ако успеат, што не е возможно тоа, не можат да донесат промени такви луѓе кои две децении се на чело на власта.

Глас на Америка: Дали внатрешните поделби во Алијанса, ќе се одразат на резултатите на следните избори?

Села: Никој во Алијанса не сакаше да се доведе во ваква ситуација. И сега јас да кажам дека нема да има последици, нормално дека ќе има последици. Но би рекол дека тоа ќе биде еден мал дел. Нема многу да се чувствува внатре во Алијанса, а тоа го покажува и членството. Мислам дека освен во Гостивар, што не е целата структура на АА, туку дел од структурата на АА, господинот нема пристап во другите ограноци кои ги има АА. Алијанса за Албанците е тука и ќе продолжи.

Глас на Америка: Кој е вашиот став околу американската црна листа. На неа се наоѓа и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко?

Села: Рековте мој политички противник. Никогаш моите политички противници не биле на повисоко ниво на политичката сцена и не би го важел за политички противник. Јас не сум се занимавал со тој човек. Од друга страна, како гледам на американската црна листа, сметам дека треба да продолжи. И сите кои заслужуваат треба да ги гледаме на таа црна листа. За жал тоа покажува дека не ни функционира системот внатре, бидејќи кога би ни функционирал системот внатре, одговорноста требаше од тука да почне, а не од САД да ни покажуваат кои се тие. Кога има влијание на судството од страна на политичари, тогаш овие чекори на САД се добредојдени и јас ги поздравувам и верувам дека и во иднина ќе продолжат“.

XS
SM
MD
LG