Линкови за пристапност

Експерти: Извештајот на ЕК е предупредувачки сигнал и до власта и до опозицијата дека реформите мора да се спроведат на патот кон ЕУ


Ветата од земјите од Унијата, како Грција, Франција, Бугарија, не може да бидат изговор за недостиг на волја за имплементирање реформи во самата земја, изјави аналитичарот Бибер.
Ветата од земјите од Унијата, како Грција, Франција, Бугарија, не може да бидат изговор за недостиг на волја за имплементирање реформи во самата земја, изјави аналитичарот Бибер.

Предизвиците, вклучително и порастот на национализмот поради нерешени конфликти, економското уназадување, етничките тензии и политичката нестабилност се влошени со војната во Украина, но и растат обидите на надворешните актери да го зголемат своето влијание за да спречат европска интеграција. Вака експерти во Вашингтон го анализираа последниот извештај на Европската Комисија за Македонија, но и за поширокиот регион.

Извештајот е предупредувачки сигнал и до властите и до оние кои сакаат да дојдат на власт дека реформите мора да се спроведат на патот кон ЕУ
Бибер, аналитичар

„Извештајот на Европската комисија е критички, веројатно еден со најголеми забелешки изминативе години за Северна Македонија, но истовремено е добар зашто ги идентификува проблемите. Знаеме дека веќе почна забавување на реформите по францускиот предлог за уставните измени, но позитивно е што Европската комисија не ги затвара очите пред проблемите. Извештајот е предупредувачки сигнал и до властите и до оние кои сакаат да дојдат на власт дека реформите мора да се спроведат на патот кон ЕУ“, изјави за Гласот на Америка, Флоријан Бибер, експерт од Универзитетот во Грац.

Новиот моментум за проширувањето треба да се искористи. Северна Македонија има можност, но треба да исполни обврските, почнувајќи со уставните измени, потоа другите реформи, како борбата против корупцијата и јакнење на владеењето на правото, истакна Илва Таре од Атлантскиот совет.

Таре ги нагласи најакутните предизвици на регионот по нотираните критики од Брисел.

Корупцијата е проблем во целиот регион. ЕУ бара од Западен Балкан да се справува со корупцијата на начин на кој тоа го прават земјите-членки од Унијата.
Таре, аналитичарка

„Корупцијата е проблем во целиот регион. ЕУ бара од Западен Балкан да се справува со корупцијата на начин на кој тоа го прават земјите-членки од Унијата. Најпрво, да се зголеми гонењето на одговорните, коишто треба да бидат изведени пред судовите поради учество или вмешаност во корупција“, заклучи Илва Таре.

Според аналитичарот Бибер, по повеќе од една деценија, во ЕУ има политичка атмосфера за придвижување на процесот на проширување.

„Ако Северна Македонија не ја зграпчи оваа шанса, ќе се разбуди по 10 години дека ја пропуштила можноста. Македонија со години беше блокирана и тоа повеќе се должеше не само поради бавноста со реформите, туку од ветата од земјите од Унијата, како Грција, Франција, Бугарија, но тоа не може да биде изговор за недостиг на волја за имплементирање реформи во самата земја“, изјави аналитичарот Бибер.

Забелешките на Брисел за Северна Македониа се движат од судските преку реформите во јавната администрација и справувањето со корупцијата до силната поделеност и партизираност во работата на парламентот. Судскиот систем и борбата против корупцијата се оценети дека се наоѓаат меѓу „некакво, и умерено ниво на подготвеност“.

И покрај овие предизвици, постојат и можности за градење постабилен и побезбеден Западен Балкан. Таква порака донесе во Скопје, барем, спикерот на Народното собрание на Бугарија.

Посетата на претседателот на бугарскиот параламент доаѓа во период на неизвесност околу процесот на уставни измени кој е блокиран зашто ја нема поддршката од опозицијата.

Желјасков кој се надева дека во македонското Собрание ќе надвладеат „разумот и политичката волја“.

Заменик-помошникот државен секретар на САД задолжен за Западен Балкан Габриел Ескобар, во телефонско интервју за Гласот на Америка на македонски, неодамна, рече дека бугарските колеги го увериле оти немаат намера да додадат повеќе услови за Северна Македонија кон ЕУ.

Ескобар нагласи дека не се работи за гаранции, туку само за уверување од Бугарија оти сакала да го види регионот да се движи напред кон европскиот пат.

XS
SM
MD
LG