„НАТО е благодарен за поддршката што Северна Македонија и ја дава на Украина од самиот почеток на руската агресија“, изјави адмиралот Роб Бауер, претседавач на воениот комитет на Алијансата. Високиот воен претставнк, истовремено, ги пофали и процесите на реформа и модернизација на македонската армија, како и зголемувањето на средствата за одбрана. Министерката за одбрана потврди дека земјава ќе продолжи со осовременувањето, но и дека нема да запре со поддршката за Украина. Досега Македонија донираше авиони Сухои-25, хеликоптери МИ-24, тенкови Т-72, пешадиско вооружување, артилериска муниција, опрема за противвоздушна одбрана...
Адмиралот Роб Бауер, претседавач на воениот комитет на Алијансата изјави дека „Благодарни сме на поддршката што ја давате на Украина особено со донирањето разновидна воена опрема. Тоа покажува вистинско лидерство. Вие придонесувате и во силите за одговор на НАТО кои ја гарантираат безбедноста и одбраната на сите сојузници. Од влезот во НАТО Северна Македонија презеде важни чекори за спроведување на вашите одбранбени реформи. За три години постигнавте импресивно ниво на воена интеграција во НАТО адаптирајќи ги вашите структури и сили на потребите и барањата на НАТО и ја зголемивте вашата интероперабилност...“
„Даваме силна поддршка кон заедничката цел. Тоа го правиме и во нашиот одговор на бруталната руска агресија врз Украина. Северна Македонија немаше никаква задршка уште од првиот момент оваа агресија да ја нарече токму тоа и што е – брутална агресија која носи самоуништување и болка. Ја нарековме така, и дадовме помош и воена и хуманитарна затоа што независна и суверена Украина има целосно и морално право и потреба да се одбрани. Украина се брани себеси, но го брани и меѓународниот правен поредок кој се базира на принципи и правила и затоа ја заслужува сета наша помош и поддршка.“, заклучи министерката за одбрана Славјанка Петровска.