Линкови за пристапност

Нова шанса за помирна реторика: Историските ривали Грција и Турција на пат да ги подобрат односите


Мицотакис и Ердоган повеќепати се обиделе да ги смират меѓусебните децениски тензии
Мицотакис и Ердоган повеќепати се обиделе да ги смират меѓусебните децениски тензии

Двете земји ги засилуваат напорите за подобрување на врските. Следната недела, турскиот и грчкиот министер за надворешни работи треба да се сретнат во Турција. Но, аналитичарите се скептични. Известува Доријан Џонс

Историските ривали Грција и Турција на пат да ги подобрат односите
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:11 0:00

Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис, треба да се сретне со неговиот турски колега Хакан Фидан на 5-ти септември во најновите напори за зближување на историските ривали.

Аналитичарите велат дека убедливата изборна победа на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во јуни му овозможува да ја оствари својата долгорочна цел за зближување.

„Не би го нарекол негова тајна агенда, но тој го сакаше тоа, подобрување на односите и тоа нешто што датира уште од кога првпат го запознав. Фактот што успеа да ја добие оваа победа некако му ги одврзува рацете. Претходно, тој беше врзан, имаше малку слобода. Бидејќи неговиот министер за надворешни работи, неговиот шеф на армијата и другите се многу тврдокорни“, вели универзитетскиот професор Алексис Хераклидес.

Мицотакис го искористи својот мандат за да го смени министерот за надворешни работи Никос Дендиас.

Реџеп Таип Ердоган
Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, по неговиот реизбор во мај, исто така го смени својот министер за надворешни работи со Фидан, кој нашироко се смета за вешт дипломат.

Некои аналитичари велат дека со избори зад себе, турскиот претседател е во позиција да ја ублажи својата националистичка реторика, која е популарна во неговата изборна база, и да биде приемчив на грчките предлози.

„Новата (турска) влада, се разбира, ќе биде многу покооперативна. Мислам дека нерешливите прашања ќе продолжат, но реториката ќе биде многу смирена“, укажува Хусеин Багчи од Институтот за надворешна политика.

Егејското и Средоземното Море остануваат кризни точки за грчката и турската морнарица додека и двете земји бараат, како што се верува, големи енергетски резерви во спорните води.

Во исто време, островот Кипар, поделен меѓу заедниците на кипарските Грци и Турци, продолжува да биде потенцијална точка на тензија.

Киријакос Мицотакис
Киријакос Мицотакис

Аналитичарите велат дека подобрувањето на билатералните врски може да ја отстрани пречката за продажба на американски воени авиони на Турција.
Продажбата е делумно одложена поради загриженоста на Вашингтон за тензиите меѓу двата сојузника на НАТО.

Но, со оглед на историјата на неуспешни обиди, набљудувачите се прашуваат колку долго ќе траат напорите на Турција и Грција за подобрување на врските.

„Ги гледате овие прекрасни фотографии како излегуваат, сите се насмевнуваат. Мислам дека за три, шест месеци, ќе видиме дали луѓето ќе се вратат на нивната основна позиција. Знаете, тоа е како во ужасен брак, има мал период на меден месец, а потоа сите се враќаат на она што навистина се“, вели Аја Бурвеила, аналитичарка за безбедносни прашања.

Сигналите на надеж вклучуваат одлуки на грчките и турските лидери да се воздржат од лута реторика по инцидентите како неодамнешното разгорување на тензиите во Кипар поради изградбата на пат на спорна територија и најавата за ново турско дупчење за извори на енергија во Медитеранот.

Се очекува Мицотакис и Ердоган да се сретнат на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во октомври.

Аналитичарите велат дека двајцата лидери имаат за цел да одржат самит подоцна оваа година во Грција.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG