Со прво доделување медали за храброст и за учество во хуманитарни операции, денеска во Скопје на армискиот стадион беа одбележани 31 година од формирањето на македонската армија.
Медалите им беа доделени на припадниците на Армијата што учествуваа во спасувачката операција после катастрофалните земјотреси во февруари Турција.
„Нивната мисија во Турција е потсетник на нашата морална обврска да направиме буквално сѐ што можеме за да спасиме макар и еден човечки живот. Солидарноста во време на несреќи е најцврстата врска на пријателство меѓу луѓето и народите“, рече претседателот на државата и врховен командант на македонските вооружени сили, Стево Пендаровски.
На свеченоста присуствуваа претставници од дипломатските мисии во земјава, како и воени аташеа. Во својот говор претседателот Пендаровски истакна дека армијата ужива најголема доверба кај граѓаните.
„Армијата е чувар на сè она што го држи македонското општество заедно, од заштита на територијалниот интегритет и суверенитет, преку придонесот кон мировните мисии и колективната одбрана, сѐ до справувањето со последиците од елементарните непогоди. Со таквото свое однесување, припадниците на Армијата нѐ потсетуваат сите нас, на нашата индивидуална, но и колективната одговорност да се грижиме за општото добро, а тоа е опстанокот на нашата заедничка република“, рече Пендаровски.
Тој се осврна и на политичките поделби во општеството и ја посочи армијата како пример за сплотеност и организираност што треба да се следи на патот кон ЕУ.
„Да ги надминеме политичките разлики и да се обединиме околу започнување на преговорите што ќе ни помогнат да спроведеме суштински реформи за доброто на сите граѓани. При тоа, да се угледаме на Армијата, да ги збиеме редовите, и здружено да се посветиме на врвниот интерес и на оваа и на сите наредни генерации – европска Македонија, безбедна, стабилна и просперитетна“, рече Пендаровски.
На свеченоста министерката за одбрана Славјанка Петровска додели и чинови на унапредени старешини во чин полковник.
„Секогаш кога зборувам за вас, зборувам со гордост и почит, за се што сте направиле и за се што правите за нашата држава за секој граѓанин на Македонија и за секој граѓанин на светот и тоа го правите храбро и одлучно, без двоумење и без калкулации за вашите животи и вашите позиции, на овој ден посакувам вашата храброст и одлучност да се прелее и кај сите нас кои имаме потреба и носиме одлуки и треба да носиме одлуки во име на граѓаните, а за доброто на државата. Затоа што вистинските патриоти како вас државата ја сакаат со дела а не со зборови“, рече Петровска.
На присутните им се обрати и премиерот Димитар Ковачевски, кој посочи дека постепено државата ќе го исполни стандардот на НАТО за финансирање на одбраната.
„Годинава буџетот за одбраната е 1,85% од БДП и е поголем од буџетот за 2022 година за 24,45 проценти. Со ова покажавме дека ги почитуваме обврските и стандардите кои заедно со сојузниците ги дефиниравме на последниот НАТО Самит. Продолжуваме со динамиката на зголемување, а во 2024 година ќе го реализираме она што го презедовме како обврска, издвојувањето за одбраната да изнесува 2% од БДП“, рече Ковачевски.
Во рамките на свеченоста беа изложени и пешадиски борбени возила и опрема. Беа поставени и две возила за детекција и за уништување мини.