Македонски војници заминуваат за Словенија како дел од помошта за санирање на последиците од страотното невреме што ја зафати оваа земја. Владата на денешна седница ја донесе одлуката за испраќање армиски единици во Словенија во период од траење од 30 дена.
„Упатување на 100 војници од различен состав кои ќе одговорат на потребите на словенечката армија и држава во овој момент“, изјави министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
- Кога би тргнале?
„Тие се подготвени да заминат уште денеска. Најрано, веќе утре сабајле ќе заминат“, рече Петровска.
- Дали сте размислиле за некој друг вид на помош?
„Сега, засега, ова е тоа што е побарано, побарани се и други средства за кои не ние не можеме сега да одговориме. Се разбира, ако во иднина се испратат барања на кои може да се одговорат, ние ќе одговориме. Словенија побара 200 војници, а Северна Македонија може да покрие 50 проценти од тоа барање, што значи дека останатите 50 проценти ќе треба да се покријат од други членки на НАТО“, дополни министерката Петровска.
Министерката ги отфрла обвинувањата дека земјава многу доцна се приклучува во помошта за Словенија. Објаснува дека надлежните државни институции веднаш по катастрофалните поплави стапиле во контакт со словенечките власти и понудиле асистенција. Вчера и официјално стигнало барањето од Словенија за помош во човечки и технички капацитети. Од кабинетот на претседателот, кој е и Врховен командант, информираа дека Пендаровски издал наредба до началникот на Генералштабот на Армијата „да се преземат мерки за подготовка на контингент војници и материјално-технички средства кои најскоро би биле упатени во Словенија“. По ова следеше и владината одлкука за испраќање на војниците кои тргнуваат за Словенија која изминатата недела беше погодена од незапаметени врнежи и поплави во кои загинаа шест лица, а штетите се проценуваат на неколку милијарди евра.
Денеска и домашниот Црвен крст информираше дека на Словенија и е понудена помош во опрема, но и во волонтери и тимови за соодветна интервнеција.