Опозицијата не покажува знаци на попуштање од ставот дека нема да поддржи уставни измени и покрај острите пораки што ги испорача европската министерска тројка Шаленберг-Липавски-Влаховски вчера во Скопје. Средбата со шефовите на австриската, чешката и словачката дипломатија, на која присуствуваше партиското раководство и целата пратеничка група, Христијан Мицкоски ја нарече аргументирана дебата на која биле пренесени познатите позиции на ВМРО-ДПМНЕ.
Промената на Уставот не е критериум за изолирање на Македонија.Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ
„Тие ставови се исти, непроменети, и ако некој ја изолира Македонија, тоа се криминалците од власта поради нивото на криминал и неспособност да спроведат реформи. Промената на Уставот не е критериум за изолирање на Македонија...“, изјави Христијан Мицкоски, претседател од ВМРО-ДПМНЕ.
Не кажа како на овој тврд став на неговата партија реагирале министрите на трите земји-членки на Унијата. Но, притисокот на меѓународната заедница во овој, како што во политичките кругови се нарекува клучен период, не попушта. Наредната седмица во Скопје доаѓаа нова министерска тројка – од Германија, Франција и Полска. Денеска, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им прати порака...
„Повторно ќе кажам, доколку доаѓаат за уставните измени, нашата порака е иста, нашите аргументи се исти од таа страна не слушам нова поента и ако доаѓаат за тоа, навистина ќе бидам и загрижен бидејќи на овој народ овде, последна работа што му паѓа на памет се уставните измени. Луѓето имаат реални проблеми, како да го поминат месецот од први до први.“, изјави Христијан Мицкоски, претседател од ВМРО-ДПМНЕ.
Вината за можниот застој во евроинтеграциите, што како опција ја најавија европските министри доколку нема уставни измени, Мицкоски ја префрли кај власта. „Задоцнување во процесот ќе има зашто владата на Ковачевски потпиша договор под бугарски диктат кој народот не го прифаќа“ – тврди шефот на ВМРО-ДПМНЕ.
Дел од експертската јавност, која добро го знае начинот на кој функционира Европската Унија, предупредува дека пораките кои ги праќаат и ќе ги праќаат земјите членки не смее да се занемарат. Андреја Стојковски од „Преспа Институтот“ стравува дека е реално сценариото за своевидна излоација на земјата од евроинтеграциските процеси ако во Собранието не поминат уставните амандмани.
Постои ризик од натамошна дестабилизација зашто државата секако е најранлива од сите членки на НАТО, најподложна на дезинформации, најподложна на дестабилизација поради мултиетничкиот состав на земјата.Стојковски, аналитичар
„Постои ризик од изолација зашто интересот на ЕУ е за оние држави кои ќе продолжат да соработуваат. Постои ризик од натамошна дестабилизација зашто државата секако е најранлива од сите членки на НАТО, најподложна на дезинформации, со низок степен на медиумска писменост, најподложна на дестабилизација поради мултиетничкиот состав на земјата. Сето тоа не става во редот ризични земји и не принудува да размислуваме за натамошно пристапување кон ЕУ и прилагодување кон она што се очекува и кое сме го прифатиле со преговарачката рамка.“, изјави Андреја Стојковски, извршен директор на Преспа институтот.
Владата најави дека во наредните денови на седница ќе ги разгледа предлог-измените на Уставот и дека тие, и покрај јасното противење на опозицијата, до крајот на месецот ќе влезат во собраниска процедура.