Линкови за пристапност

Мадрид го поддржува пристапувањето на Скопје во ЕУ, Брисел критикува за бавните реформи


Западниот Балкан и неговото интегрирање е на агендата на Шпанија која од 1 јули го презеде претседавањето со Европската Унија.

„Во Западниот Балкан ќе ја зајакнеме нашата политичка посветеност на отпорност, стабилност и безбедност на регионот, како и негова постепена интеграција во ЕУ. Ќе го поттикнеме процесот на пристапување на земјите од овој регион и ќе работиме на постигнување целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, потенцирајќи ја важноста на заедништво и споделени цели во време на геополитичко ривалство...“, пишува во програмата на Шпанија која до крајот на годината ќе претседава со Унијата.

Toa што е ставено на хартија, денеска, пред пратениците, го потврди и шпанскиот амбасадор во земјава. „Кога зборуваме за единството на ЕУ, не може а да не го споменеме проширувањето“, изјави Лозано Гарсија во обраќањето во парламентот.

„Шпанија му дава големо значење на прошрувањето и ќе продолжиме да работиме во таа насока во текот на претседавањето, се разбира, според постигнувањата на секоја од земјите. Веќе беше кажано дека Шпанија дава поддршката на пристапувањето на Северна Македонија и тоа го потврдувам уште еднаш... Отворањето на пристапните преговори во јули минатата година беше многу значаен чекор. Има и други очекувања што треба да се исполнат во наредниот период“, вели амбасадорот на Шпанија, Хозе Луис Лозано Гарсија.

Тоа што треба да се направи, јасно го наведе евроамбсадорот во земјава - владеење на право, борба против корупцијата, рефома на јавната администрација... „Не само што некаде нема напредок, туку гледаме и назадување“, критикуваше Гир.

„Реформите во многу клучни области кои се поддржани од ЕУ и други донатори не напредуваат како што треба, а во некои случаи има и негативен развој на настаните кои ние не ги очекувавме од земја која почна преговори за членство. Овој дом има голема улога преку деблокирање на кусвојувањето клучни закони со што ќе овозможи соодветно функционирање на важни институции поврзани со владеењето на правото и борбата против корупцијата. Владата треба да разработи нова стратегија за реформа во судството 2023-2027 која ќе се осврне на недостатоците во спроведувањето на законите кои испливаа на површина при неодамнешните настани во Судскиот совет....“, изјави европскиот амбасадор, Дејвид Гир.

Програмата на шпанското претседателство потврдува дека останува европската и поддршката на меѓународната заедница за Украина која е главна тема на НАТО Самитот во Вилнус каде земјава ја претставува владина делегација предводена од премиерот Ковачевски.

„Ќе бидат донесени одлуки во однос на унапредувањето на соработката со Украина, практично ќе биде формиран Совет на НАТО и Украина на кој во иднина ќе можат да се носат одлуките кои се однесуваат на заедничката соработка“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

За идната соработка со Украина, Северна Македонија има многу јасна позиција, вели премиерот. Таа е дека се поддржува политиката на отворена врата за пристапување во НАТО, откако ќе бидат согледани сите безбедносни аспекти во актуелната геополитичка ситуација.

XS
SM
MD
LG