Линкови за пристапност

ДУИ може да е втора партија по гласови на наредните избори, вели Бектеши


Министерот Бектеши во интервјуот за Гласот на Америка вели дека вградувањето на котлите со пелети е инвестција во енергетска ефикасност. Ова го вели на ден по објавата на даночната реформа, со која, печките за пелети ќе се оданочуваат со 18 проценти, наместо со 5 како досега.
Министерот Бектеши во интервјуот за Гласот на Америка вели дека вградувањето на котлите со пелети е инвестција во енергетска ефикасност. Ова го вели на ден по објавата на даночната реформа, со која, печките за пелети ќе се оданочуваат со 18 проценти, наместо со 5 како досега.

На наредните избори ДУИ ќе биде лидер во албанскиот политички блок, а согласно последните анализи може да биде и втора партија на ниво на држава, вели во интервју за Гласот на Америка на македонски министерот за економија Крешник Бектеши кој е член на централното претседателство на ДУИ. Прашан, дали може да има влијание внатрепартиското несогласување, вели:

„Ние имаме такви примери уште од нашето формирање во 2002 година. Тоа се случува во сите политички партии. Најважно се мисијата, програмата, идејата, визијата на ДУИ да биде преточена во владини програми и проекти за доброто на граѓаните, затоа и расте поддршката кон ДУИ и тоа ќе биде така сигурно и на наредните парламентарни избори“, вели Бектеши.

Министерот за економија Крешник Бектеши во интервјуот за Гласот на Америка на македонски вели дека вградувањето на котлите со пелети е инвестција во енергетска ефикасност. Ова тој го вели на еден ден по објавата на владиното законско решение за даноци, со кое, печките за пелети и пелетите ќе се оданочуваат со 18 проценти, наместо со 5 како што беше досега. Бектеши не даде директен одговор на прашањето која е логиката на овој дел од даночната реформа бидејќи до минатата година министерството за економија даваше субвенции за печки на пелети.

Пред една годинија Северна Македонија и Грција потпишаа договор за изградба на интерконектор за природен гас - проект кој треба да почне да се гради. Бектеши рече дека се завршени сите процедури, вклучувајќи и постапката за надзорот на проектот, а наскоро ќе се објави тендерска постапка за негова изградба. Кога ќе биде тоа - министерот не оркти.

Бектеши во интервјуто кажа дека цените на лебот, јајцата, оризот, млекото и сите оние кои се под категоријата основни прехранбени производи не се дел од даночната реформа. Напротив, вели дека до крајот на годината инфлацијата за овие производи ќе биде помала од 5 проценти.

Глас на Америка: По завршувањето на мерките за ограничување на трговските маржи за основните прехранбени производи, Владата понуди ново законско решение за данокот на додадена вредност – се покачува стапката на данокот на одредени прехранбени производи. Зошто се удира врз џебот на граѓаните?

Бектеши: Разбирливо, прво и основно владата не удира по џебот на граѓаните, владата го прави спротивното. Секоја економија и секоја влада која директно се грижи за граѓани прво и основно треба да се грижиме за тие што се најранливи категории. А, најранливите категории се тие што користат најмногу основни прехранбени производи. Производите кои беа најавени од страна на министерот за финансии што влегуваат во прехранбената индустрија, не се дел од основните прехранбени производи и кои се коирстат на дневна база, како што се лебот, маслото за јадење, оризот, јајцата, млекото и слично.

Зборуваме за производи како што се морски плодови, одредени видови на риби и слично. Нашата цел, речиси повеќе од една година, секогаш била да ограничиме одредени маржи кои биле користени од страна на трговците, вклучувајќи го почетокот на ланецот па до формирање на финалната цена. И тоа го остваривме. Затоа во делот на ранливите категории граѓани нема да има никакви промени во делот на зголемувањето на ДДВ-то, за производите кои ги наведов.

Глас на Америка: А, во однос на цените бидејќи повеќе не важат ограничувањата на маржите?

Бектеши: Во однос на цените, претходниот месец го постогивме тоа што го најавивме – имаме инфлација под 10 проценти, за првпат после една година, имајќи предвид дека поголемите ценовни шокови се случуваат во јуни, па продолжија во октомври минатата година. Ние ќе бидеме во рамките на тоа што е проектирано, а тоа е дека до крајот на годината во делот на основните прехранбени продукти ќе имаме инфлација и тоа ќе биде помала од 5 проценти од тоа што го најавивме.

Глас на Америка: Како Министерство за економија ги повикувавте граѓаните да се загреваат на пелети, за ова имаше и субвенции. Сега со новиот закон за ДДВ планирано е да има повисока стапката на даночење за пелетите, печките и котлите на пелети. Која е логиката?

Бектеши: Имаме Закон за трговија. Имаме Закон што ги утврдува овие работи. Мерките кога ги носевме, тоа беа времени мерки кои се однесувале за справување со одредени кризи, почнувајќи од пандемијата, енергетската криза, па ценовната криза... во одредени моменти кога имаше дисбалансирање на пазарот за одредени производи, вклучувајќи ги и пелетите, а ние не сме големи производители на пелети во државата. Главно сме увозно зависни и затоа секој ден, во секој момент, ако се забележи злоупотреба на цените за одредени производи – во овој случај на пелетите – или пак, неодржливост за граѓаните што користат пелети, тогаш Министерството за економија на првата владина седница може да ја укине целосно, како што тоа било направено и претходно преку т.н. автономни мерки.

Глас на Америка: Која е логиката една институција да повикува на инвестиции за печки на пелети, а потоа владата да носи законско решение со кое се зголемува данокот?

Бектеши: Многу едноставно. Логиката е во енергетска ефикасност и во заштеда на електрична енергија, имајќи предвид дека цел свет се справува со енергетската криза. Вградувањето на пелетите и котелите со пелети – инвестирањето во енергетски ефикасни технологии значи заштеда на електрична енергија, помалку трошоци за граѓаните, особено за тие кои имаат повеќе потреба.

Глас на Америка: Тука во Вашингтон бевте на конференција за Трансатлантска и регионална соработка, на која главно говоревте за енергетиката и инвестициите во енергетскиот сектор. Помина точно една година по потпишувањето на договорот за изградба на интерконекторот за природен гас со Грција. Не можевте да се пофалите дека изградбата е почната. До каде е заглавена оваа процедура?

Бектеши: Значи, толку обемен инфраструктурен проект за една година од денот на потпишување, ако некаде се почнало со градба да ми кажете ќе ги повикаме сите тие експерти и ќе ги ангажираме во нашите институции.

Глас на Америка: Може ли државата да биде пример?

Бектеши: И за време на конференцијата и таму сакав да излезам. Претходно МЕР, моментално НОМА гас во сопственост на владата е едно од најуспешните јавни претпријатија во нашата држава која успеала во рекорден рок од не подолго од една година да ги заврши сите процедури. Завршен е и делот на надзорот – постапката за надзорот на конкретниот инфраструктурен проект. Значи, ние мора да внимаваме на тие процедури.

Глас на Америка: Има некоја временска рамка?

Бектеши: Дојдено е времето за кратко да почне или пак да се објави тендерската постапка за изградба на интерконекторот на македонскиот дел. И тоа сакаме да го направиме паралелно со грчка страна, а согласно моите информации – конкретни факти и аргументи – ние сме во понапредна фаза отколку грчката страна.

Глас на Америка: Зимата што помина беше неизвесна. Ова го велам затоа што секој месец се набавуваше гас. Дали уште летово се размислува како ќе се загреваат граѓаните на зима.

Бектеши: Сите подготовки се направени во делот на топлинската енергија и во делот на електричната енергија. Сите капацитети се функционални, вклучувајќи го и ТЕЦ Неготино и за наша среќа, но и за среќа на регионот – хидрологијата оваа година е одлична, што е дополнителен капацитет во делот на акумулациите кои се преточуваат во електрична енергија што ќе можат да се користат во зима кога ќе се зголеми потрошувачката.

Не очекувам дека ќе имаме некои проблеми, веќе имаме искуство од претходната економија – бевме лидери во регионот во делот на менаџирање со енергетската криза, без никакви рестрикции, без поголеми покачувања на цените на електрична и на топлинска енергија. Капацитетите со Република Бугарија во делот на гасоводот веќе ги имаме и согласно пазарната економија сите може да учествуваат, а за нас би било пожелно тоа да биде друг гас освен рускиот за да не можат да не уценуваат за други работи.

Глас на Америка: За набавката на гас, примерот ќе биде ист како минатата зима?

Бектеши: Примерот ќе зависи од одлуките што ќе ги носи ЕСМ или да бидам поточен подружницата на ЕСМ која се занимава со топлинска енергија.

Глас на Америка: Имавте средба со помошник – секретарот за енергетски ресурси на Стејт департменотот, Џефри Пајат. Што беше фокус на интересот на американска страна?

Бектеши: Господинот Пајат е голем пријател на Република Македонија. И од моментот кога беше амбасадор во Република Грција заедно работевме речиси секој ден и со него лично и со амбасадата на САД во Скопје, за да ги олесниме сите процедури за изградба на интерконекторот со Република Грција, но и нашето учество во „LNG“ терминалот Александропулус што ќе го диференцира енергетскиот сектор во Република Македонија.

Ќе биде и можност и за нашите соседи да ја користат инфраструктурата на Република Македонија, што ќе биде економски исплатливо како транзит земја во делот на снабдување со одредени енергенси каде што ние имаме локациска предност, имајќи предвид дека сме во средината на Балканот.

XS
SM
MD
LG