Премиерот е уверен дека мнозинството е стабилно и дека и покрај одредените несогласувања во владејачката коалиција тоа нема да се раситнува.
За дел од прашањата кои во изминатиот период ги отворија помалите партии и со чие решавање ја условија својата понатамошна поддршка на власта се разговарало и на денешната координација. „Достоинство“ бара измени на законот за бранители, ВМРО-Народна е против измените на законот за урбанистичко планирање кој е поврзан со проектот „Бехтел-Енка“.
Ковачевски уверува дека сите разлики ќе се надминат, а за барањето на ЛДП и ДОМ за измена на изборниот законик и воведување една изборна единица, вели дека ќе се разговара во Собранието.
Во однос на барањата за една изборна единица се договоривме дека дискусијата треба да се води во Собранието каде треба да се земат мислењата на политичките партии зашто има различни позиции.Ковачевски, премиер на Северна Македонија
„Во однос на барањата за една изборна единица се договоривме дека дискусијата треба да се води во собранието каде треба да се земат мислењата на политичките партии зашто има различни позиции. СДСМ во својата програма има дадено поддршка за една изборна единица, но во собранието треба да се зборува за модалитетите за тоа дали треба да има изборен праг, застапеност на етнички единици, родова застапеност...“, изјави Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.
Партиите од власта, кои имаат конкретни барања, очекуваат дека тие ќе се исполнат на ниво на коалиција, но истовремено се и свесни дека во моментот едно прашање има приоритет.
„Она што ЛДП може да повика внатре, доколку тоа бидат темите на разговор е на разум и проактивност на политичките партии. Сите имаме свои политички програми и заложби што треба да ги оствариме за граѓаните да живеат подобро, меѓутоа сега на сите треба да ни е поважно како понатаму ќе го продолжиме процесот на евроинтеграција.“, истакна Моника Зајкова, претседателка на ЛДП.
Евроинтеграцијата, освен од реформите, зависи и од процесот на уставни измени кој, засега, се уште е во фаза на разгледување во рамки на работната група. Премиерот, и покрај тврдите ставови на опозицијата, не го напушта оптимизмот – вели дека очекува нејзино приклучување кон, како што го нарекува, проевропскиот блок.
„Ние денеска се наоѓаме на крстопат за тоа дали продолжуваме со интеграција во ЕУ, или како што смета опозицијата земјата да остане изолирана. Оваа влада ќе покаже дека имаме проевропско мнозинство и се надевам дека опозицијата конечно ќе донесе одлука да се приклучи кон проевропскиот блок зашто обврска и на опозицијата е да носи одлуки кои се во корист на граѓаните, а врвен интерес на граѓаните е членство во ЕУ.“, изјави Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.
На денешната координација оваа тема била една од главните за која разговарале партнерите во власта. Премиерот ги информирал останите лидери за неговата неодамнешна посета на САД и, како што изјави, недвосмислената поддршка на Вашингтон за продолжување на европскиот пат на земјата.