Во интервјуто за државната новинска агенција МИА, амбасадорката на САД, Анџела Агелер, кажа дека токму поради реномето компанијата „Бехтел“ има голем број на проекти во регионот а од Коридорите 8 и 10 д ќе имаа бенефит македонските граѓани.Од опозициската ВМРО – ДПМНЕ соопштија дека го ценат ставот на амбасадорката и начинот на кој ги штити интересите на американските компании и побараа договорот јавно да се објави во насока на транспарентност и владеење на правото
СКОПЈЕ – Компанијата „Бехтел“ работи исклучиво според законот и крајно транспарентно, затоа има изградено реноме во светски рамки и работи на голем број на проекти во регионот а опозцијата го критикува договорот со „Бехтел“ без аргументи и само за да добие политички поени. Ова е ставот на амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер, кој го соопшти во интервју за државната новинска агенција МИА. Таа е децидна дека Коридорите 8 и 10 ќе бидат од огромна корист за граѓаните во државата.
„Тие во опозицијата, искрено без сите факти, критикуваат нешто за што немаат информација. Тоа го прават едноставно само за да бидат против Владата. Да, тоа е работа на опозицијата но истовремено сум целосно уверена дека процесот во кој е инволвиран „Бехтел“ е целосно транспарентен и законски бидејќи тие работат на тој начин. Разговорите продолжуваат, но мислам дека за жал има такви кои ќе застанат на патот едноставно за да заработат политички поени“, изјави амбасадорката Агелер.
Амбасадорката Агелер појасни дека Амбасадата на САД ги промовира американските компани и инвестиции во Северна Македонија бидејќи тоа е од обостран интерес за граѓаните на двете држави.
„ Јас пред се сум Американка, јас не гласам тука, јас немам политичка партија во Северна Македонија, јас не сум член на ниту една политичка партија. Како и да е јас сум многу проамерикански бизнис ориентирана. Ние во Амбасадата правиме се што е во наша моќ да ја помогнеме промоцијата на американските инвестиции тука, бидејќи тоа не е добро самоп за американските инвеститори и американските компании туку е и многу добро за граѓаните на оваа држава“, рече амбасадорката Агелер.
Од опозциската ВМРО – ДПМНЕ соопштија дека го ценат ставот на амбасадорката Агелер и начинот на кој ги штити интересите на САД и повторно побараа договорот да биде јавно објавен во насока на транспарентноста и владеењето на правото.
„ Национален интерес на македонските граѓани е да знаат каде се трошат неговите пари. Национален интерес на македонските граѓани е да се почитуваат одлуките на Уставниот суд и да се штитат правата на македонските работници во делот на работните часови и траењето на работната недела.Исто така, национален интерес на македонските граѓани е коридорот 8 и 10Д да го градат македонски компании и профитот да остане во Македонија. Национален интерес на македонските граѓани е да не се злоупотребува знамето на Европската унија при носењето на закони со кои треба да се задоволи криминалот на Владата на ДУИ и СДСМ. Сигурни сме дека заеднички интерес и на амбасадорот Агелер и на македонските граѓани, а во насока на транспарентноста и владеењето на правото договорот што го потпиша македонската влада со изведувачот да биде објавен“, изјави Марија Митева, портпарол на ВМРО - ДПМНЕ
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски соопшти дека сеуште не е исплатен вториот дел од авансот кон конзорциумот во висина од 50 милиони евра, а багерите кои беа поставени на свеченоста за Коридорот 10д вршат геомеханички истраги. Кога ќе има конкретен проект за било кој од Коридорите нема одговор.
Во Собранието тече процедурата за петте закони со европско знаме кои ги достави Владата а кои се поврзани со договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на Коридорите 8 и 10-д.