Шефот на државата со повик до лидерите и пратениците – да ги стават државните пред партиските интереси. Пораката Пендаровски ја прати на конференција за европската иднина на земјата, во присуство на странските амбасадори, потсетувајќи дека во моментот врвен приоритет се уставните измени – прашање за кое нема консензус меѓу власта и опозицијата.
„Таа обврска е јасна и неспорна и треба да ја завршиме со вклучување во Уставот на оние три и пол илјади наши граѓани кои на последниот попис се изјаснија како етнички Бугари, во преамбулата и во нормативниот дел, на идентичен начин на кој претходно беа вклучени и другите делови од народи. Ги повикувам сите проевропски партии и пратеници да го направат својот избор, а тој избор е – или европската иднина на државата, или партиските интереси.“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.
На повикот се приклучија и дел од присутните амбасадори кои очекуваат политичарите да ги следат стратешките цели на Северна Македонија.
„Сакам да повикам на отвореност, политичка одговорност и да се имаат предвид долгорочните цели и интереси на оваа земја и нејзината иднина во рамките на ЕУ.“, истакна Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во Скопје.
Гир не зборуваше само за уставните измени, туку и за потреба од динамизирање на реформите – прашање кое го начна и шефот на државата.
Да изградиме функционална правна држава и далеку успешна борба со криминалот и високата корупцијата.Пендаровски, претседател на Северна Македонија
„Додека сме фокусирани врз уставните промени, треба внимателно да ги разгледаме сите забелешки што произлегуваат од скрининг процесот, затоа што понатаму, ќе мора да бидеме подготвени на процес во кој не смееме да стимулираме реформи, туку вистински да го менуваме нашиот систем. Симулацијата на реформи не само што не е во интерес на македонските граѓани, туку е и невозможна во услови кога промените ќе бидат детално контролирани од европските институции. Да изградиме функционална правна држава и далеку успешна борба со криминалот и високата корупцијата.“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.
„Неопходна е искрена посветеност од сите за справување со корупцијата. Ќе нема пократки патишта на патот кон ЕУ.“Ларсон - Џаин, амбасадорка на Шведска
„Неопходна е искрена посветеност од сите за справување со корупцијата. Ќе нема пократки патишта на патот кон ЕУ.“ Високо-поларизираната политичка дебата треба да се замени со конструктивен политички дијалог за да се изгради национален консензус за ЕУ-интеграцијата.“, изјави Ами Ларсон Џаин, амбасадорка на Шведска.
Повикот за мобилизирање на сите политички сили заради европската иднина на земјата е резултат и на потребата од забрзување на проширувањето кон Западен Балкан кое засега се движи бавно. Предупредувањата се дека таквата ситуација, комбинирана со руското пропагандно и кинеското економско влијание, како и со континуираното намалување на поддршката на јавноста за влез во ЕУ може да доведе до состојба во која позицијата и влијанието на Унијата во регионот може да го заземе некој друг глобален играч.