Линкови за пристапност

САД обезбедија нов пакет помош за Украина од 350 милиони долари


Помошта вклучува повеќе муниција и ракети
Помошта вклучува повеќе муниција и ракети

САД обезбедуваат американска опрема и муниција од 350 милиони долари во својот најнов пакет помош за Украина, додека министрите за надворешни работи и за одбрана на Европската унија се сретнаа денес во Брисел за да го финализираат планот за снабдување на Украина со муниција додека ги надополнуваат сопствените резерви на муниција.

Тројца воени функционери рекоа за Гласот на Америка дека пакетот вклучува повеќе ракети кои ќе се користат во украинскиот артилериски ракетен систем со висока мобилност, повеќе муниција од 155 мм за хаубици и дополнителни куршуми од 25 мм.

Државниот секретар на САД Ентони Блинкен рече дека пакетот, исто така, вклучува повеќе муниција за борбени возила на пешадијата Бредли, ракети ХАРМ, противтенковски оружја и речни чамци.

„Русија сама би можела да ја заврши својата војна денес. Додека Русија не го стори тоа, ние ќе останеме обединети со Украина онолку долго колку што е потребно“, рече Блинкен.

Ракетите со долг дострел не се вклучени во овој пакет, според официјални лица.

Воен претставник изјави за Гласот на Америка дека американскиот пакет муниција е направен паралено со напорите што ги прават партнерите од ЕУ за да се одговори на потребата на Украина од повеќе муниција на бојното поле, додека се бори против целосната руска инвазија која започна пред повеќе од една година.

Предлогот на ЕУ од 2 милијарди долари вклучува зголемување на производството на муниција на блокот со цел подобро да се обезбеди долгорочно снабдување.

Шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел, ги охрабри членките да го одобрат планот, велејќи дека на Украина ѝ треба испораката на повеќе артилериска муниција да се случи побрзо.

Дел од информациите во текстот се преземени од АП и Франс-прес

XS
SM
MD
LG