Линкови за пристапност

Се докажа дека нуклеарните закани на Путин се блеф, вели Болтон


Поранешниот советник за национална безбедност, амбасадорот Џон Болтон, во интервју за Украинската редакција на Гласот на Америка, зборуваше детално за улогата на Кина во руско-украинската војна, американската воена поддршка за Украина и мислењата за поддршката на Украина во рамките на Републиканската партија.

Тој даде и повратни информации за коментарите на републиканскиот гувернер Рон ДеСантис и поранешниот претседател Доналд Трамп за поддршката на САД за Украина.

Гласот на Америка: Една од работите што може да го промени исходот на теренот во руско-украинската војна е ако Кина поактивно ја поддржува Русија. Според вас, колку Кина е веќе вклучена на страната на Русија и дали може драматично да започне или да ја зголеми својата воена поддршка?

Болтон: Мислам дека Кина е многу активна во поддршката на Русија. Секако, знаеме дека тие значително ги зголемија набавките на нафта и гас од Русија и веројатно повеќе отколку што е јавно објавено. Тие би биле среќни да го направат тоа на трајна основа со текот на времето. Не се сомневам дека санкционираните руски финансиски институции перат пари преку непроѕирниот кинески финансиски систем на светските пазари, и мислам дека Кина може да ѝ помогне на Русија на голем број индиректни начини, без разлика дали директно ѝ испорачува оружје на Русија или не. На пример, може да и продава оружје на Белорусија. И тогаш што се случува со нив? Може да ѝ продава оружје на Северна Кореја, а што ќе се случи со нив? Светот е комплициран и лесно е да се каже „не испорачуваме оружје директно на Русија“, но го постигнува токму истиот резултат. Значи, Русија и Кина се во она што може да го наречете антанта.Мислам дека ќе се приближи повеќе од тоа, дека Русите се` повеќе и повеќе зависат од тоа. И мислам дека тоа добро ѝ одговара на Кина.

Гласот на Америка: Која е играта на Кина? Каков е нејзиниот интерес да ја поддржи Русија?

Болтон: Мислам дека Кина многу јасно стави до знаење дека сака регионална хегемонија долж нивната индо-пацифичка периферија и на крајот сака глобална хегемонија. Тоа веќе не го кријат во своите јавни изјави. И за Кина е многу корисно да го има она што се повеќе станува сателит на Кина во Русија, земјоделски производи, минерални производи, огромна територија, директна линија во Европа. Тоа е многу удобен сосед. Мислам дека Кина победува во секој случај во конфликтот во Русија и Украина. Ако Русија целосно ја освои Украина, тоа би било плус за сојузникот на Кина. Но, ако Русија не успее, ќе стане позависна од Кина. Така и таму победува Кина.

Гласот на Америка: Дали САД и нивните западни сојузници имаат доволно добра моќ врз Кина, економско влијание? И дали Пекинг воопшто е чувствителен на економското влијание?

Болтон: Мислам дека Западот како целина има огромно економско влијание врз Кина, но се плаши да го користи. Тикток не е апликација за тинејџери. Тоа е уред за собирање разузнавачки информации. Но, мислам дека нашите пријатели во Европа не се толку свесни како нас, можеби нешто повеќе зависни од кинескиот пазар. Ќе треба уште малку работа со нив. Но, знаете во односот купувач-продавач, едната страна нема доминација. Тоа е две еднакви страни во трговијата. Значи, ако ја искористиме нашата економска моќ врз Кина, тоа може да има голем ефект.

Гласот на Америка: Дали САД треба да ја зголемат својата воена моќ за да послужи како одвраќање за Кина?

Болтон: Мислам дека нема сомнение дека САД ќе мора да се соочат со потребата да имаат значително зголемување на својот воен буџет. Навистина, Западот како целина од распадот на Советскиот Сојуз живее во земја на фантазија. Значи, имаме долг пат да одиме за да се повратиме. Мислам дека тоа ќе биде голем дел од дебатата за претседателската кампања оваа и следната година.

Гласот на Америка: Можниот претседателски кандидат на Републиканската партија Рон ДеСантис рече дека војната меѓу Русија и Украина е територијален спор и не е во интерес на САД да се вклучат во тоа. Колку е тоа опасно?

Болтон: Очигледно не е територијален спор. Русите не веруваат во тоа, а секако и Украинците не веруваат. И во овој случај би направил јасна аналогија на Тајван и заканата од Кина. Стратешкото и концептуалното прашање е исто и за двете. Дали Украина и Тајван ќе бидат слободни и независни држави или не? Мислам дека е во интерес на Америка да се погрижи тие да останат слободни и независни држави. Така што мислам дека тоа е витален национален интерес. Мислам дека е голема грешка начинот на кој Бајден се обиде да ја оправда помошта за Украина за да ја претвори во Вилсонова борба меѓу автократии и демократии, да зборува за меѓународниот поредок заснован на правила. Не можете да ја кренете американската публика на нозе која го бодри меѓународниот поредок заснован на правила. Можете да ѝ помогнете на земјата во борба да се одбрани од голем агресор каде што директно се вклучени нашите интереси.

Гласот на Америка: Дали САД и другите земји треба да се плашат од нуклеарни закани од Русија?

Болтон: Мислам дека денес, повеќе од една година по инвазијата, каде што Путин имплицираше или директно зборуваше за нуклеарната способност, е докажано дека е блеф во секој случај. Нашите разузнавачи сведочеа во Конгресот на отворена седница дека допрва треба да видат каква било промена во распоредувањето на руските нуклеарни сили. Би можел да замислам околности кога руската употреба на тактичко нуклеарно оружје би била поверојатна - катастрофален неуспех на бојното поле или режимот на самиот Путин во опасност каде што тој дејствува за да ја зајакне својата моќ. Сè уште не сме блиску до ниту една од тие околности.

XS
SM
MD
LG