Линкови за пристапност

Украина има потреба од муниција


Aмериканските одбранбени лидери свикaa состанок со претставници на одбраната од речиси 50 земји за да разговараат за тоа што ѝ е потребно на Украина за да се бори против руската инвазија.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин е домаќин на виртуелните разговори од Пентагон, откако во неколку претходни рунди Контакт групата за одбрана на Украина разговараше во воздухопловната база Рамштајн во Германија.

„Како што правиме од почетокот на оваа кампања, продолжуваме да правиме се што можеме за да се осигураме дека ги задоволуваме потребите на Украина, без разлика дали се работи за муниција, без разлика дали се работи за воздушна одбрана, оклопни возила...“, изјави вчера портпаролот на Пентагон, Генералот Пет Рајдер за новинарите.

Претставници на САД, Европската унија и НАТО ветија дека ќе ги зајакнат напорите за надополнување на резервите на муниција за Украина.

„Постојано размислуваме за снабдување со муниција и оружје“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето ноќно обраќање во вторникот.

Зеленски рече дека главниот фокус бил одбраната на источната линија на фронтот, вклучително и областа Бахмут во која има жестоки борби. Тој рече дека јасната позиција на украинските воени лидери е „да ја зајакнат оваа насока, да му нанесат максимална можна штета на окупаторот“.

Одвоено од разговорите предводени од САД, Зеленски ја поздрави најавата на Данска за воена, хуманитарна и економска помош во вредност од една милијарда долари за Украина оваа година.

Околу две третини од средствата се наменети за воена помош, а остатокот е наменет за хуманитарни напори, реконструкција и деловни иницијативи.

Зеленски на Твитер напиша дека е благодарен за потегот и дека помошта е „гаранција за приближување на нашата заедничка победа над агресорот и враќање на мирот во Европа“.

Некои информации за овој извештај се од Ројтерс.

XS
SM
MD
LG