Високиот комесар за бегалци при Обединетите нации (ОН) Филипо Гранди, рече дека треба да се направи повеќе за поддршка на преживеаните во Турција и во Сирија по разорниот земјотрес од минатиот месец, бидејќи бројот на жртвите од трагедијата продолжува да се зголемува.
Гранди, кој ја заврши петдневната посета на областите разурнати од земјотресот, денес рече: „Потребите на теренот во двете земји се огромни и одговорот мора да биде со подобри ресурси“.
Тој рече дека фокусот треба да биде не само на долгорочните проекти за обнова, туку и на итна помош.
„Иако е критично да се размислува и да се поддржат долгорочните напори, потребна е многу повеќе хуманитарна помош и ресурси за рано закрепнување за луѓето да можат да почнат да ги обновуваат своите животи и средства за живот“, рече тој.
„Нивото на уништување е шокантно и на многу места апокалиптично“.
Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу денес изјави дека бројот на загинати во Турција се искачи на 48.448.
Говорејќи на прес-конференција во тешко погодената провинција Малатија, Сојлу рече дека билансот во Турција вклучува 6.660 странски државјани, главно Сиријци. Тој, исто така, рече дека властите се` уште се обидуваат да идентификуваат 1.615 жртви.
Во соседна Сирија, во земјотресот загинаа повеќе од 6.000 луѓе.
Комисијата на ОН во понеделникот ги обвини сириската влада и меѓународната заедница дека не дејствуваат доволно брзо за да им помогнат на луѓето на кои им е потребна помош во северозападниот дел на Сирија, контролиран од бунтовниците.
Независната меѓународна истражна комисија за Сириската Арапска Република рече дека треба да се испита зошто требало една недела по земјотресот владата на Сирија и Обединетите нации да се договорат за отворање повеќе гранични премини за помош во областите под контрола на бунтовниците.
Членот на Комисијата Пауло Пинеиро, на прес-конференција во Женева, изјави дека има „целосен неуспех од страна на владата и меѓународната заедница, вклучително и Обединетите нации, брзо да насочат итна помош за спасување животи за северозападна Сирија“.
„Многу денови беа изгубени без никаква помош за преживеаните од земјотресот“, рече тој.
Дел од информациите се преземени од АП и Ројтерс