Американскиот државен секретар Антони Блинкен денес го започнува своето повеќедневно патување во Европа каде ќе присуствува на Минхенската безбедносна конференција. Тој, исто така, ќе отпатува во Турција и Грција, пред годишнината од руската инвазија на Украина на 24 февруари, додека Турција ги продолжува своите спасувачки операции по силните земјотреси.
Потпретседателката на САД Камала Харис, германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон, шефот на НАТО Јенс Столтенберг и главниот кинески дипломат Ванг Ји ќе бидат меѓу оние на годишниот собир.
Во Минхен, Блинкен ќе учествува на серија состаноци на кои ќе се разговара за континуираната поддршка за Украина и помошта за Турција и Сирија по силните земјотреси, соопшти Стејт департментот.
Додека Украина се подготвува за нова голема офанзива од Русија, западните лидери на собирот најверојатно ќе ја обноват својата посветеност да го поддржат Киев.
Висок функционер на Стејт департментот рече дека САД работат на голем пакет за безбедносна помош што наскоро ќе биде објавен. Покрај помошта може да се очекува уште еден нов пакет санкции насочени кон Русија..
Високиот претставник на Стејт департментот им рече на новинарите дека нема индикации дека рускиот претседател Владимир Путин е сериозен за дипломатски разговори, но САД ќе продолжат да вршат притисок врз руската економија за да го принудат Путин на преговарачка маса.
Некои информации во овој извештај се од Ројтерс и Франс прес.