Линкови за пристапност

Ние сме сила и можеме да го менуваме светот, рече Зеленска


Првата дама на Украина зборуваше за Меѓународниот ден на жената во Обединетите Арапски Емирати
Првата дама на Украина зборуваше за Меѓународниот ден на жената во Обединетите Арапски Емирати

Првата дама на Украина денес понуди поддршка на нејзиниот народ при посетата на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), земја која сè уште останува отворена за Русија и покрај санкциите од Западот.

Олена Зеленска ја опиша својата и улогата на другите први дами во светот како вистинска сила додека зборуваше пред преполната сала на Меѓународниот ден на жената. Таа, исто така, ја поздрави работата на просечниот Украинец среде тековната војна.

„Ние сме сила и можеме да продолжиме да го менуваме светот“, рече Зеленска.

Патувањето на Зеленска во главниот град на Обединетите Арапски Емирати доаѓа бидејќи ОАЕ остануваат една од ретките директни рути надвор од Москва, и за луѓето кои бегаат од регрутирање и за богатите кои сакаат да ги сочуваат своите пари во нација со пристап до западните финансиски пазари.

Веќе, Одделот за финансии на САД изрази загриженост за руските пари што се влеваат на жешкиот пазар на недвижности во Дубаи. Во меѓувреме, суперјахтите на руските олигарси, исто така, постојано се појавуваа во Емиратите од почетокот на војната на Москва против Украина минатата година.

Сепак, ОАЕ гласаа против руската инвазија во Обединетите нации и донираа хуманитарна помош за Украина од почетокот на војната.

Зеленска пристигна во ОАЕ вчера и се состана со шеикот Мохамед во Каср ал-Бахар во Абу Даби, главниот град на земјата. Тој вети 4 милиони долари на фондацијата на Зеленска кои ќе бидат наменети за изградба на сиропиталишта, објави државната новинска агенција на Емиратите ВАМ.

„Шеикот Мохамед ја повтори посветеноста на ОАЕ кон народот на Украина преку тековната хуманитарна помош, истовремено нагласувајќи ја важноста на меѓународните и регионалните напори насочени кон постигнување политичко решение за повторно воспоставување безбедност, стабилност и мир“, соопшти ВАМ.

Зеленска има позначајна улога во промовирањето на Украина од почетокот на војната. Таа се сретна со првата дама на САД Џил Бајден кога сопругата на американскиот претседател имаше брза посета на Украина во мај.

Таа, исто така, патува низ светот, се среќава со лидери и им рече на Обединетите нации во февруари: „Имаме право да живееме слободни, а не да бидеме убиени или мачени“.

Зборувајќи пред толпата, Зеленска ја раскажа приказната за една учителка која сè уште ги води своите ученици преку видеоповик од снежна улица, иако напојувањето и интернет конекциите и понатаму се разнишани во земјата.

„Ние сме инспирирани од примерите и сигурна сум дека овие примери ќе останат во нашите срца засекогаш“, рече Зеленска.

Таа додаде дека „украинските жени и мажи се адаптираат толку брзо што нашите непријатели не беа во можност да излезат со нови предизвици за нас“.

Извор: АП

XS
SM
MD
LG