Линкови за пристапност

Првата дама на Украина денес се среќава со Џил Бајден во Белата куќа


Вчера Зеленска се сретна со Блинке, по што Стејт департментот соопшти дека државниот секретар ја пофалил работата на Зеленска да им помогне на Украинците погодени од војната
Вчера Зеленска се сретна со Блинке, по што Стејт департментот соопшти дека државниот секретар ја пофалил работата на Зеленска да им помогне на Украинците погодени од војната

Рускиот претседател Владимир Путин денес пристигна во Техеран за да се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во обид да се постигне договор за обновување на извозот на жито од украинските пристаништа на Црното Море.

Портпаролот на Обединетите нации (ОН) Фархан Хак, изјави за новинарите дека има зголемен напредок во преговорите меѓу Русија, Украина, Турција и Обединетите нации, „но нема што да се објави во оваа фаза“.

Тој рече дека генералниот секретар Антонио Гутереш е подготвен да отпатува во Истанбул доколку има потреба.

Гутереш вчера разговарал по телефон со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да разговараат за преговорите, соопштија Обединетите нации.

Секретарот за финансии на САД Џенет Јелен денес повика да се ограничи цената на извозот на руската нафта, а истовремено ги повика земјите да се обединат против руската војна во Украина.

Јелен рече дека Москва се заканува да предизвика глобална прехранбена криза со блокирање на украинските пристаништа.

„Сите одговорни земји мора да се обединат во спротивставување на оваа војна и да работат заедно за брзо завршување на истата“, рече Јелен, нагласувајќи дека САД и другите одговорни сојузници и партнери се обидуваат да ги намалат приходите на Русија за да ја води нејзината војна, а истовремено да го олеснат влијанието врз глобалните енергетски пазари.

Украинската војска денес соопшти дека руските напади продолжиле во повеќе делови од земјата, вклучително и гранатирање во Суми, експлозии во Миколаев и ракетен напад во Одеса.

Британското министерство за одбрана соопшти дека Русија „се` уште може да оствари дополнителни територијални придобивки“ додека ја следи својата наведена цел да ја преземе контролата врз целата провинција Доњецк во источниот регион Донбас во Украина.

Но, Министерството во својата дневна проценка рече дека „стапката на напредување на Русија веројатно ќе биде многу бавна без значителна оперативна пауза за реорганизација и доградба“ на нејзините сили.

Украинскиот парламент денес гласаше за разрешување на шефот за безбедност на земјата Иван Баканов, и генералниот обвинител Ирина Венедиктова, два дена откако Зеленски ги суспендираше функционерите, наведувајќи, како што рече, стотици случаи на наводно предавство и соработка со Русија, во кои се вмешани работници од обезбедувањето и јавното обвинителство.

Во Вашингтон, украинската прва дама Олена Зеленска треба да се сретне со првата дама на САД Џил Бајден во Белата куќа, еден ден по средбата со државниот секретар Ентони Блинкен.

Во соопштението објавено од Стејт департментот вчера се вели: „Секретарот Блинкен ја пофали работата на првата дама Зеленска да им помогне на Украинците погодени од војната“.

Блинкен „повтори дека САД ќе продолжат да обезбедуваат помош за да ѝ помогнат на Украина да одговори на значајните економски и хуманитарни предизвици со кои се соочува, вклучително и поддршка на иницијативата за ментално здравје на првата дама за граѓаните погодени од војната“, се вели во соопштението.

Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс рече дека Блинкен ја уверил Зеленска за американската поддршка на Украина и ја пофалил првата дама за нејзината работа помагајќи им на цивилите кои се трауматизирани од војната.

Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG