Линкови за пристапност

Османи: Ниту една влада, ниту едно општество, не може да издржи закочени долгорочни ЕУ-перспективи


Неможноста да ги усвоиме уставните измени, значи кочење на европскиот процес на ЕУ-преговорите.
Неможноста да ги усвоиме уставните измени, значи кочење на европскиот процес на ЕУ-преговорите.

Глас на Америка: Министре, како сега, од позиција на претседавач со ОБСЕ, ја анализирате безбедносната ситуација во Европа - досегашната архитектура како веќе да не важи по руската агресија врз Украина која трае повеќе од една година. Еве, на пример, Вие, неодамна бевте во Молдавија, која се чини е можна нова мета на Москва?

Бујар Османи: ОБСЕ беше креирано како организација, со цел да се спречи тоа што се случува денеска во Украина. Агресијата од 24-ти февруари, 2022-та, беше уривање на основните темели на архитектурата која што ја држеше безбедноста на Европа, меѓутоа, пред се и темелите на организацијата, со која Македонија денес, претседава. Ние претседаваме во најтешките денови на оваа организација. Меѓутоа, организацијата покажа отпорност, таа се уште е функционална во одредени конфликти. Еве, ја спомнавте Молдавија. ОБСЕ придонесува суштински во мирот и комуникацијата во Молдавија, во Западниот Балкан, централно-азиските држави, во Јужен Кавказ, но и преку другите институции придонесува во своите цели.

Глас на Америка: Што станува со регионот - колку се реални шансите за дестабилизација, имаме невралгични точки во Босна и Херцеговина и Косово, а во целокупната слика, многу не помагаат ниту политичките искричења меѓу Софија и Скопје?

Бујар Османи: ОБСЕ и Западен Балкан имаат долгорочна соработка. Всушност, војните во 90-тите беа причина за основање на теренските мисии на ОБСЕ. Но, и ОБСЕ го обликуваше Западен Балкан преку тие теренски мисии. Војната во Украина само ги поттикна или истакна невралгичните точки, слабите точки во регионот. Пред се, Босна и Херцеговина, во функционалноста на државата и Дејтонскиот договор, отвореното прашање меѓу Косово и Србија, се разбира и другите предизвици коишто ги имаат државите, фрустрациите што ги предизвикува тешкиот пат кон ЕУ, а ѝ „билатеризацијата“, како во нашиот случај, што овозможува плодна почва за некакви негативни влијанија во регионот.

Глас на Америка: Кога сме кај Бугарија, впечатокот е дека работите не одат во посакувана насока. Знам, ќе речете реториката од Софија се должи, пред се, на претстојните парламентарни избори, но како да не гледаме реални позитивни поместувања кои би ги релаксирале односите на секое ниво?

За жал, во Бугарија, недостатокот на таа политичка капа, овозможува излегување на површина на некои радикални елементи, кои што се обидуваат постојано да го провоцираат нашето општество.
Османи, министер за надворешни работи

Бујар Османи: Мислам дека ова е класично киднапирање на односите од страна на политичките партии на Бугарија. Со цел да го капитализираат на следните избори, а фактот што нема политичка влада, веќе подолго време, овозможи бришан простор за конзервативни идеи, во бугарското општество да може да излезат на површина и да ја диктираат динамиката. Тие конзервативни моменти вообичаено, една политичка влада ги потиснува, затоа што, тие, штетат не само во државите, туку и воопшто на меѓународната позиција на односите меѓу државите. За жал, во Бугарија, недостатокот на таа политичка капа, овозможува излегување на површина на некои радикални елементи, кои што се обидуваат постојано да го провоцираат нашето општество, а тоа што јас се обидувам, ние да не потпаднеме под тие стапици, и да направиме грешки по патот, затоа што за нас е најважно да остане имиџот меѓу 26-те земји-членки на ЕУ, кој што засега, е беспрекорен во однос на сите наши политики и постигнувања.

Глас на Америка: Оптимист ли сте дека е можно годинава да се случат уставните измени? Стравувате ли од ново „заглавување“ на ЕУ интеграциите, ако не дојде до уставни измени, заклучно со крајот на 2023?

Бујар Османи: Уставните измени поради многу причини се во наш интерес. Прво, затоа што даваме нов правец на односите со Бугарија, односно на македонско-бугарските односи. Од нивните обиди, тие односи да се стават по капа на историјата, ние даваме нова димензија дека во Уставот јасно се дефинирани мнозинскиот македонски народ и бугарската малцинска заедница, и тоа го трасира патот, каков ќе биде долгорочниот однос меѓу двете заедници во регионот и во Северна Македонија. Втората причина е затоа што тоа ни го определува патот кон ЕУ. Неможноста да ги усвоиме уставните измени значи кочење на европскиот процес на ЕУ-преговорите. Tој што ќе ги предизвика дури и од позиција на опозиција во моментов, да знае дека кога ѝ да се случи да бидат на власт ќе мора да поминат низ уставните измени. Ниту една влада ниту едно општество, не може да издржи притисок на закочени долгорочни ЕУ-перспективи. Нема ниту една држава во регионот на Западен Балкан добра перспектива, без европска перспектива. Чуму, одложување, кочење на тој процес на штета на граѓаните, кога, знаете дека еден ден ќе мора да поминете низ тој пат. Меѓутоа, тогаш ќе бидат изгубени многу години, а поставените прашања на маса ќе бидат уште потешки и попроблематични. Не гледам причина, зошто да не смогнеме сили и да постигнеме натпартиски консензус во однос на прашање кое во национален интерес, на Македонците, и на сите останати граѓани во целина.

Глас на Америка: За САД, проблемот со корупцијата е меѓу клучните прашања. Освен Ескобар од Стејт департментот, и американската амбасадорка Агелер, во неколку наврати потенцира дека корупцијата продолжува да го кочи напредокот на државата и влијае врз забавувањето на економскиот раст. Се зборува многу, но нема ефекти. Дали и како, американскиот тим за санкции може да помогне за ова прашање, кое се повеќе се чувствува во општеството?

Нема бегање од соочување со корупцијата. Мислам дека е важно прашање да го заздравиме општеството. За жал, тие што ги кочат уставните измени, ја потиснуваат темата за анти-корупција на втор план.
Османи, министер за надворешни работи

Бујар Османи: Покрај тоа што сум во Вашингтон како претседавач на ОБСЕ, на распит во Хелсиншката комисија, исто така важно е да разговарам и со американските претставници во однос на стратешкиот дијалог што го започнавме. Стратешкиот договор со САД го претворивме во акциски план. А во суштината на тој акциски план е антикорупциската политика. Денеска разговарам со сите чинители како САД да ја поддржат таа анти-корупциска политика. Сега имаме два механизам за поддршка на таа политика. Еден е стратешкиот дијалог со САД, а другиот е почетокот на преговорите со ЕУ. Имаме две раце коишто го поддржуваат и поттикнуваат тој процес. Нема бегање од соочување со корупцијата. Мислам дека е важно прашање да го заздравиме општеството. За жал, тие што ги кочат уставните измени, ја потиснуваат темата за анти-корупција на втор план, додавајќи фокус на овие политички прашања, односите со Бугарија, уставните измени, наместо да ги тргнеме тие прашања и рефлекторите да ги вклучиме кон анти-корупциската политика. Не само нашите стратешки партнери САД туку и во самото општество има консензус, таа да биде основна тема во државата.

Поврзано

XS
SM
MD
LG