Линкови за пристапност

Судот во Стразбур ја отфрли апликацијата на Груевски и екс функционерите од ВМРО-ДПМНЕ како преуранета


Државниот врв ја поздрави одлуката на Судот и ја оцени како победа на правдата и правната држава
Државниот врв ја поздрави одлуката на Судот и ја оцени како победа на правдата и правната држава

СКОПЈЕ – Европскиот суд за човекови права (ЕЧСП) во Стразбур смета дека се` уште постојат правни лекови кои може да се искористат во Северна Македонија и затоа едногласно како недопуштена и перуранета ја отфрли жалбата во предметот „Талески и другите против Северна Македонија“.

Со ова предметите„Транспортер“, „Тортура“,„Титаник“ и „ТНТ“ во кои се обвинети или осомничени Груевски, Мијалков, Јанкуовска , Јанакиевски, Талевски и другите опфатени во жалбата ќе продолжат.

ЕЧСП смета можноста за ревизија пред Врховниот суд се` уште не е искористена и затоа жалбата е пруранета, за дел се` уште има постапи пред Апелацискиот суд, но остава простор потоа повторно да може да биде поднесена.

Европски суд за човекови права
Европски суд за човекови права

„Имајќи ја предвид надлежноста на Врховниот суд и потенцијалните последици врз пресудите на личностите или пресудите од пониските судови, прашање кое може да има директно и сериозно влијание врз утврдувањето на кривичната пријава, судот веќе утврди дека тој правен лек е дел од веќе добро воспоставените процесни мерки, кои може да се сметаат како ефикасен правен лек за жалбите под Член 6 кога таквите жалби се важечки. Судот смета дека, далеку од разгледувањето на прашањата за уставноста и легалноста под домашниот закон, кривичните судови може директно да ја применат конвенцијата и да разгледаат дали начинот на кој претседателот ги искористил своите овластувања во врска со помилувањата, кои му се дадени од домашниот закон, ги повредил правата на жалителите под Членот 6 од конвенцијата“, стои во одлуката на Европскиот суд за човекови права.

Во одлуката, ЕСЧП потенцира и дека како правен лек на располагање е и Уставниот суд бидејќи не може да се шпекулира каков би бил исходот од постапката пред Уставниот суд доколку од тој суд било побарано да ја оцени уставноста на Законот за помилување од 2016 година додека тој бил привремено важечки.

Застапникот на жалбата, адвокатот Влатко Илиевски, инаку сопруг на Јанкулоска, нагласува дека денеска е донесена одлука по однос на апликацијата а не аболицијата од поранешниот претседател Ѓорге Иванов и затоа нема потреба од триумфализам кај надлежните.

„Зачудува фактот што на судот му требаа пет и пол години да оцени дека се преуранети апликациите. Ние не се осврнувавме само на тоа дали апликациите се допуштени или треба да се исцрпат сите правни лекови. Останува да се види како ќе се произнесат домашните судски инстанци по ова прашање. Меѓу редови се гледа дека судот во Стразбур му дава шанса на Врховниот суд да се произнесе по наводите дали аболицијата е важечка или не. Битно е да се напомене дека Старзбур не се произнесува мериторно дали аболициите се важечки или не така да нема простор за тирумфализам кај Владата. Доколку не сме задоволни од што ќе се одлучи од судските инстанци во државата односно откако ќе ги исцрпиме сите правни лекови имаме право повторно да се жалиме во Стразбур “, изјави Илиевски.

Владата, премиерот, претседателот како и политичките партии главно ја поздравија одлуката во Стразбур.

Според премиерот Димитар Ковачевски одлуката на Судот во Стразбур е победа на државата и на правдата

„ Македонскиот тим навистина даде се од себе и извојува победа во исклучително комплексен случај. Со одлуката на Судот во Стразбур која во случајов е во корист на државата, жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени вклучително и во делот за наводните помилувања. Аргументите на Владата во однос на недозволеноста на апликациите се целосно уважени од страна на Судот во Стразбур. Особено е важно да се исткане дека спротивно на тврдењата на апликантите, Судот не утврди прекршување на Европската Конвенција за заштита на човековите права“, рече Ковачевски.

Од Владата ја поздравија одлуката на судот во Стразбур.

„ Аргументите на Владата во однос на недозволеноста на апликациите се целосно уважени од страна на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Одлуката која денес ја донесе ЕСЧП се однесува н 6 случаи кои пред Судот во Стразбур ја тужеа Република Северна Македонија со наводи за повреда на ЕКЧП по член 5 и член 6. Со одлуката, Судот смета дека жалбите на апликантите се недозволени во принцип поради неискористување на домашните правни лекови. Би сакале да ја информираме јавноста дека со оглед на фактот што кривичните постапки на кои се однесуваат апликациите и оваа одлука на Судот во Стразбур, се сѐ уште во тек пред домашните судови, Владата во овој момент нема да дава дополнителни коментари, како не би влијаела на понатамошните процеси“, стои во соопштението од Владата.

И претседателот Стево Пендаровски ја поздрави одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

„По објавувањето на одлуката од страна на Европскиот суд за човекови права, претседателот ја разгледа со советничкиот тим и смета дека сите засегнати со постапките поведени од страна на обвинителството и судовите во државата, треба своите права да си ги остваруваат пред домашните институции, како што е наведено и во одлуката на Судот во Стразбур. Во оваа смисла, сите постапки пред домашните судови продолжуваат до нивно конечно завршување, односно исцрпување на сите правни средства согласно правните прописи на нашата држава“, стои во соопштението до Кабинетот.

За СДСМ е клучно што Европскиот суд за човекови права утврдил дека нема прекршување на човековите права при кривичниот прогон на функционерите на ВМРО – ДПМНЕ.

„Голема победа на правдата, на правната држава и аргументите на Владата.Европскиот суд за човекови права во Стразбур денеска потврди дека апликациите на седум поранешни функционери на ВМРО-ДМПНЕ се недозволени. Незаконската аболиција на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов пропадна.Оваа одлука на Судот во Стразбур е важна затоа што не констатира прекршување на човековите права во кривичниот прогон на членовите од некогашниот врв на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ изгуби во Стразбур. Нивниот обид за ништење на правната држава, уште еднаш, се покажа неуспешен.Сега, независниот судски систем има одговорност и обврска пред граѓаните и законите да ги доведе до крај кривичните постапки кои се во тек“, изјави Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека е рано за славење кај надлежните бидејќи она што е потврдено е дека апликациите се преуранети.

„Европскиот суд за човекови права донесе одлука во која вели дека поднесените апликации од апликантите се преуранети и не навлегува во суштината на апликациите. Во одлуката се вели дека не се исцрпени сите правни механизми во Македонија.Владата наместо да слави за дефокус треба оваа одлука да ја загрижи, бидејќи суштината и правдата еден ден ќе излезат на виделина“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ

Поранешниот претседател Ѓорге Иванов во 2016 година донесе одлука за аболиција на 54 осомничени која подоцна под притисок на јавноста ја повлече. Дел од лицата кои беа опфатени со аболицијата потоа беа осомничени и на крајот обвинети во предметите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) кои по неговото згаснување ги превзеде Јавното Обвинителство.

XS
SM
MD
LG