Додека државата мака мачи да го намали степенот на корупција, граѓанскиот сектор веќе прави анализи за можни сценарија во оваа сфера до 2030. Документот што денеска го презентираше Институтот за демократија, а изработен со некои од клучните антикорупциски институции, треба да помогне во делот на стратешкото планирање за справување со ефектите и предизвиците во борбата против корупцијата.
„Не е идејата да се предвиди иднината, тоа е тешко да се предвиди, туку целта е со оваа анализа да се прави обид за почеток на еден процес во кој ќе се факторизираат, обмислат и ќе се направат долгорочни подготовки за сите отежнувачки и олеснувачки фактори во борбата против корупцијата, како што се економски развој, конфликти, на пример како војната во Украина, која има влијание врз расположливоста за финансирање на борбата против корупцијата.“ изјави Миша Поповиќ од Институтот за демократија.
Од ДКСК, клучната институција во борбата против корупција, имаат неколку пораки до надлежните од кои, како што велат, ќе зависат натамошните постигнувања во оваа сфера.
По мене клучно е да се донесе законот за потекло на имот со кој ќе бидат опфатени сите граѓани зашто носителите на власта тоа не го прават сами.Ивановска, ДКСК
„Политиката да си ги тргне рацете од професионалноста, тоа е единствениот излез кој може да ја спаси оваа држава. „По мене клучно е да се донесе законот за потекло на имот со кој ќе бидат опфатени сите граѓани зашто носителите на власта тоа не го прават сами, туку и во спрега со блиски лица кои не се на јавна функција и не можеме да кажеме дека тоа што го прикажуваат во анкетните листови секогаш е реално.“, вели Билјана Ивановска, претседателска на ДКСК.
Додека се дебатира за намалување на корупцијата 58 кандидати го положија завршниот испит на Академијата за судии и јавни обвинители - меѓу нив се и имиња на блиски роднини на функционери, актуелни и поранешни обвинители и судии, чекор на кој јавноста гледа како на потенцијална опасност за појава на корупција.
„Толку од тоа, останува сега ние, ДКСК, превентивно да се внимава овие судии и обвинители по кои судови и обвинителства ќе се распоредуваат, да не бидат во близина на свои блиски лица за да се намали влијанието, иако тоа е многу тешко.“, вели Билјана Ивановска, претседателска на ДКСК.
Меѓу нив е и Барлет Џафери, син на претседателот на Собранието Талат Џафери, кој ќе биде иден јавен обвинител. Неговото влегување во правосудниот систем предизвика инцидент во Собранието.
„Игор Јанушев, на синот на Талат Џафери не можеш да му дојдеш ни до малиот прст. Прво, до малиот прст не можеш да дојдеш. Слушај сега, на синот на Талат Џафери, ни ти ни многу од вас тука, не можете да му дојдете до малиот прст. Второ, синот на Талат Џафери не се шета по судници. Синот на Талат Џафери не можеш да го видиш дрогиран.“, изјави Талат Џафери, претседател на Собранието.
„Ако имаш нешто да ми кажеш, излези да реплицираш“, оцени Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ.
И САД и Европската Унија проблемот со корупцијата го ставаат меѓу клучните прашања во земјава.
Американската амбасадорка, Агелер, во неколку наврати потенцираше дека корупцијата продолжува да го кочи напредокот на државата со тоа што влијае врз забавувањето на економскиот раст и дека ова прашање останува приоритет за Вашингтон.