„Сега е време за врвните интереси на државата и граѓаните, да бидеме сплотени и координирани, да работиме дома и на одговорен начин да покажеме дека Македонија е наша заедничка одговорност. За разликите и понудите ќе судат граѓаните – на избори, догодина во 2024 година. Место има и за `Алтернатива`, место има за сите добронамерни поддржувачи на европската иднина на земјата“, рече Ковачевски.
Опозицијата не ги прифати неговите аргументи дека станува збор за „окрупнување за европската иднина“, туку дека е чисто политичко калкулантство и „пазар 3 коалиција“.
„Дискутираме за влегување на нов на коалициски партнер во владата и заминување на друг. Алијанса реши да влезе и да го продолжи животот на можеби најслабата влада која не може со ништо да се пофали. Еве како изгледа политичка корупција и проституција“, вели Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Што во практика ќе значи тоа што премиерот го нарекува „обединување“, а опозицијата „политичка корупција“?
Си заминуваат министрите за правда, за здравство, за животна средина, за администрација – Тупанчевски, Сали, Нуредини, Алити, како и министерот без ресор Чупи.
На нивно место, со оваа реконструкција, доаѓаат Кренар Лога за министер за правда, здравство ќе го води Фатмир Меџити, Азир Алиу ќе биде министер за администрација, а Каја Шукова ќе го води ресорот животна средина.
А какви се бројките? Со Алтернатива, мнозинството броеше 64 пратеници – без нејзините тројца народни избраници, владата има поддршка од 61 пратеник. Но, на нив се додаваат уште осуммина со влегувањето на Алијанса. Тоа, би значело 69 пратеници во најдобар случај. Но, т.н „огнена група“ на ДУИ, која контрилира 3 пратеници, најави дека нема да гласа за реконструкцијата.
Нејасно е и како ќе се постави Павле Трајанов од Демократскиот сојуз чија партија е дел од власта. Оттука, произлегува дека мнозинството може да „извади“ не повеќе од 65 до 66 пратеници кои би гласале „за“ реконструираната влада на премиерот Ковачевски – точка која продолжува на утрешната собраниска седница.