Линкови за пристапност

Грковска во Вашингтон: Судиите и обвинителите треба да одговараат за злоупотреба на службена должност


Санкциите не се секогаш само за политичари, туку генерално за сите кои заслужуваат според критериумите да се најдат на таа листа. Ние треба да бидеме фокусирани на нашата домашна обврска, коментира Грковска.
Санкциите не се секогаш само за политичари, туку генерално за сите кои заслужуваат според критериумите да се најдат на таа листа. Ние треба да бидеме фокусирани на нашата домашна обврска, коментира Грковска.

Славица Грковска, вицепремиерка за политики за добро владеење е во Вашингтон на Молитвениот појадок. Во ексклузивно интервју за Гласот на Америка се осврнува на предизвикот со корупцијата која и натаму е еден од главните проблеми во македонското општество.

Глас на Америка: Kако гледате конкретно во сферата на справувањето со корупцијата? Впечатокот кај граѓаните на Северна Македонија е дека се зборува многу, но нема многу резултати во областа, нешто што го признава и американската администрација, која испрати тим експерти во Скопје во вид на мисија за утврдување факти?

Грковска: Се согласувам дека уште повеќе треба да се направи од она што е направено и граѓаните сакаат да видат видливи резултати, да има ефект и краен резултат од борбата против корупцијата и организираниот криминал. Најголемата слабост е во правосудниот систем. Ако нема завршница во еден случај, пораката, која се праќа во општеството е погрешна. Судиите и обвинителите исто така треба да одговараат за злоупотреба на службена должност, исто како и останатите функционери кои подлежат на истите закони.

Глас на Америка: Неодамна, изјавивте - „Јас не ја изземам Владата од одговорноста, ниту институциите. Треба да се види која е најслабата карика“. Која е најслаба карика?

Грковска: Правосудниот систем е најслаба карика. Независноста на институциите треба да биде дополнителна обврска за одговорност и транспарентност пред граѓаните, за одлуките кои што се носат од правосудниот систем. Актуелните примери што ги видовме, се лош пример како треба да изгледа или да се однесува законот подеднакво за сите.

Глас на Америка: За американскиот тимот за санкции, рековте дека секоја помош за борба против корупцијата е добредојдена. Jавноста е во очекувања да ја види таа црна листа на САД на корумпирани чинители во политиката. Имате ли информации, кои се таа листа, и кога ќе биде објавена?

Грковска: Тоа е од голема помош за државите во светот, затоа што тоа се санкции што САД ги користат како инструмент којшто придонесува во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Санкциите не се секогаш само за политичари, туку генерално за сите кои заслужуваат според критериумите да се најдат на таа листа. Ние треба да бидеме фокусирани на нашата домашна обврска. Одлуките коишто се носат, функционирањето на институциите, ефикасноста и транспарентноста, е наша домашна обврска.

Глас на Америка: Северна Македонија е рангирана на 85. место од 180 држави и територии според перцепцијата за корупција во јавниот сектор во 2022-ра, објави „Транспаренси интернешнл“. Државата годинава има 40 индексни поени, што е само еден повеќе од лани. Очекувано, или разочарувачки? Дали корупциските скандали влијаат за оваа позиција на Македонија?

Грковска: Сигурна сум. Добро е што има прогрес, макар и минимален, тоа значи дека треба да ги засилиме нашите напори и да ја смениме перцепцијата кај граѓаните и да биде видливо дека сите напорите што ги правиме имаат ефект. Кога ќе обезбедиме дека граѓаните имаат доверба во институциите, дека законот важи подеднакво за сите, тогаш сум уверена дека ќе ја имаме големата поддршка од граѓаните и ќе се осмелуваат повеќе да пријавуваат корупција.

Глас на Америка: А стигнуваат ли до вас бројни дописи од граѓаните, и кои се каналите?

Грковска: Да. Стигнуваат. Среќна сум затоа што граѓаните препознаа дека ние непристрасно постапуваме, и добиваме документација и ако утврдиме дека има сериозни наоди за кршење на законот ја проследуваме до институциите. Имаме добра соработка и се надевам дека тоа ќе продолжи.

XS
SM
MD
LG