Северна Македонија е рангирана на 85. место од 180 држави и територии според перцепцијата за корупција во јавниот сектор во 2022 година, објави „Транспаренси интернешнл“. Државата годинава има 40 индексни поени, што е еден повеќе од лани.
Индексот користи скала на бодови од нула, што означува многу корумпирана земја, до 100 или некорумпирана земја.
„Транспаренси интернешнл“ вели дека повеќето земји не успеале да ја запрат корупцијата.
„Глобалниот просек останува непроменет повеќе од една деценија на само 43-то место. Повеќе од две третини од земјите се рангираат под 50-то место, додека 26 земји паднаа на своите најниски резултати досега. И покрај заедничките напори, 155 земји не постигнаа значителен напредок - или опаднаа“, се вели во најновиот извештај.
Во него се нотира дека корупцијата е и клучна причина за влошувањето на глобалниот мир во последните 15 години.
„Корупцијата ја поткопува способноста на владите да ги заштитат луѓето и ја нагризува довербата на јавноста, провоцирајќи се повеќе и потешко да се контролираат безбедносните закани. Од друга страна, конфликтот создава можности за корупција и ги поткопува напорите на владите да го запрат“.
Дури и земјите со високи резултати на Индексот за перцепција на корупцијата, играат улога во заканите што корупцијата ги претставува за глобалната безбедност, забележува извештајот.
„Со децении тие ги прифаќаа валканите пари од странство, дозволувајќи им на клептократите да го зголемат своето богатство, моќ и деструктивни геополитички амбиции“.
„Транспаренси интернешнал“ вели дека политичките лидери мора да го направат приоритет справувањето со корупцијата, и ги повика владите да ги засилат своите напори за борба против корупцијата за да создадат побезбеден свет.