Линкови за пристапност

САД и Германија продолжуваат со плановите да ја снабдат Украина со западни тенкови


Американски официјален претставник за Гласот на Америка изјави дека Белата куќа работи на финализирање на планот да ѝ ги одобри на Украина посакуваните тенкови
Американски официјален претставник за Гласот на Америка изјави дека Белата куќа работи на финализирање на планот да ѝ ги одобри на Украина посакуваните тенкови

САД и Германија продолжуваат со плановите за снабдување на Украина со високо напредни борбени тенкови за да ја зајакнат нејзината борба против руската инвазија.

Портпаролот на германскиот премиер Олаф Шолц денес изјави дека Берлин ќе му обезбеди на Киев 14 тенкови Леопард 2, што е првиот чекор во формирањето два баталјони со моќните тенкови во Украина.

Во соопштението се вели дека тенковите ќе доаѓаат директно од воените резерви на Германија. Исто така, се наведува дека украинските војници наскоро ќе започнат со обука во Германија, а Германија ќе обезбеди и логистика и муниција.

Одлуката на Германија дојде пред очекувањето администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да објави дека ќе испрати тенкови М1 Абрамс во Украина. Одлуката, која првпат беше објавена во вторникот од „Вол стрит џурнал“ е дел од дипломатското разбирање со Германија околу нејзината донација на тенкови Леопард 2.

Американските медиуми велат дека администрацијата размислува да испрати малку повеќе од 30 од софистицираните тенкови на украинското бојно поле.

Американски официјален претставник запознаен со расправата изјави за Гласот на Америка дека Белата куќа работи на финализирање на планот да ѝ ги одобри на Украина посакуваните тенкови, иако може да помине некое време додека Киев да може да ги испорача и да ги користи на бојното поле.

Официјалниот претставник, кој сакаше да остане анонимен поради чувствителната природа на плановите, рече дека тенковите најверојатно ќе бидат обезбедени преку Иницијативата за безбедносна помош во Украина (УСАИ) на Пентагон.

Фондот му дозволува на Одделот за одбрана да купува оружје и системи или од производители на одбрана или од други извори, наместо да ги црпи директно од американските залихи.

Во овој случај, официјалниот претставник рече дека САД можеби ќе бараат да ги купат тенковите М1 Абрамс од други земји и да ги обноват, пред да ги испратат во Украина.

Портпаролот на руската влада Дмитриј Песков рече дека распоредувањето на тенковите на САД и Германија се „преценување“ на нивниот потенцијал да ѝ помогнат на украинската армија и предвиде дека машините „ќе изгорат како и сите останати“.

Потегот да се обезбедат тенковите ќе претставува проблем за американските власти, од кои многумина ја отфрлија идејата за испраќање тенкови на Абрамс во Украина, предупредувајќи дека иако тенковите Абрамс се многу способни, тие се тешки за одржување и бараат повеќе гориво.

„Не треба да им обезбедуваме на Украинците системи што не можат да ги поправат, не можат да ги одржат и кои долгорочно не можат да си ги дозволат, бидејќи тоа не е корисно“, рече заменик-секретарот за одбрана Колин Кал.

Дел од информациите во текстот се преземени од АП, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG