Украинските власти соопштија дека бројот на загинати од руски ракетен напад врз станбена зграда во Днипро се искачи на 35, а спасувачките екипи сè уште ги пребаруваат урнатините за преживеани.
Регионалниот гувернер Валентин Резниченко, на социјалните мрежи изјави дека во нападот биле повредени 75 лица и дека судбината на 35 други е непозната.
Ракетниот напад се случил во саботата, со ракета Кх-22 лансирана од рускиот регион Курск. Воените претставници рекоа дека украинските сили собориле 21 од вкупно 33 проектили што Русија ги истрелала тој ден, но дека Украина нема систем способен да го пресретне ракети од типот Кх-22.
Руските сили постојано погодуваа цивилни цели откако ја нападнаа Украина во февруари.
Руските власти постојано негираа дека гранатираат цивилни згради, вклучително и во понеделникот кога портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека руските сили „не напаѓаат станбени згради или социјална инфраструктура, туку напаѓаат воени цели“. Песков рече дека она што се случи во Днипро е предизвикано од украинската противвоздушна одбрана.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето ноќно обраќање во неделата рече дека е благодарен за зборовите на поддршка од целиот свет по нападот, додавајќи дека е „многу важно нормалните луѓе да се обединат како одговор на теророт“.
„Злото е многу чувствително на кукавичлук“, рече Зеленски. „Злото секогаш се сеќава на оние кои се плашат од него или се обидуваат да се пазарат со него. И кога ќе дојде по тебе, нема кој да те заштити“.
Некои информации за овој извештај се од агенцијата Франс прес, Ројтерс и Асошиетед прес.