Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека зголемените руски напади врз електричната мрежа на Украина и друга критична инфраструктура ги ставаат во опасност животите на здравствените работници и илјадници пациенти.
Здравствениот систем на Украина е отпорен, но претставниците на СЗО велат дека болниците и клиниките не можат да функционираат кога немаат струја и вода.
Говорејќи од главниот град Киев, претставникот на СЗО во Украина Јарно Хабихт, рече дека Русија нападнала повеќе од 700 здравствени установи откако ја нападна Украина на 24 февруари.
Овие напади врз здравствената заштита, рече тој, негативно влијаеле на објектите, залихите и транспортот; повредувајќи и убивајќи здравствени работници и пациенти.
„Ова означува јасно кршење на меѓународното право. Здравјето никогаш не треба да биде цел. Во услови на тековни напади, СЗО продолжува да испорачува медицински материјали што спасуваат животи низ целата земја. Овие материјали и интервенции спасија животи и СЗО е тука, како и многу други да пружи нега и да спасува животи додека одиме понатаму“, рече тој.
Хабихт рече дека СЗО, во координација со Министерството за здравство на Украина и партнерите, испорачала лекови, комплети за траума, генератори на струја и други материјали.
Тој рече дека се контактирани до девет милиони луѓе, додавајќи дека на многу други ќе им треба помош за да ја преживеат суровата зима во Украина. Тој предупредува дека ниските температури ќе го зголемат ризикот од респираторни, заразни и кардиоваскуларни заболувања.
Според него, тековните напади врз енергетската и грејната инфраструктура ќе ја намалат достапноста на здравствените услуги.
Тој додава дека луѓето веројатно ќе се загрозат себеси бидејќи се борат да останат топли и да ги загреат своите домови.
„Додека луѓето прибегнуваат кон алтернативни извори на греење за своите домови, како што се јаглен и дрво, и користат генератори на дизел гориво или електрични грејачи, гледаме дека ризикот од труење со јаглерод моноксид ќе се зголеми, како и други ризици“, рече Хабихт.
Покрај сериозните физички влијанија, тој вели дека војната создава и огромна ментална вознемиреност. Тој рече дека СЗО проценува дека до 10 милиони луѓе се изложени на ризик од некаква форма на ментално растројство.
Хабихт рече дека СЗО има тим од повеќе од 200 вработени кои доставуваат материјали и здравствени услуги на десетици илјади луѓе во осум приоритетни области.
Тој рече дека нема планови за запирање на овие операции за спасување животи за време на празничната сезона.