Линкови за пристапност

Вашингтон ќе одговори соодветно ако Белорусија дополнително му помага на Путин, рече Стејт департментот


Кремљ ја отфрли сугестијата дека Путин сака да ја турне Белорусија во поактивна улога во конфликтот
Кремљ ја отфрли сугестијата дека Путин сака да ја турне Белорусија во поактивна улога во конфликтот

Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека ситуацијата во четирите делови на Украина за кои тврдеше дека ги припоил претходно оваа година е „исклучително тешка“.

Зборувајќи со припадниците на руските безбедносни служби, Путин ги истакна областите Доњецк и Луганск во источна Украина, како и Херсон и Запорожје на југ.

„Луѓето кои живеат таму, граѓаните на Русија, се потпираат на вас, на вашата заштита“, рече Путин.

Русија никогаш целосно не контролирала ниту една од четирите области кои беа дел од септемвриското барање за анексија на Путин. Неговиот потег беше отфрлен од меѓународната заедница.

Путин денес ја повика највисоката руска безбедносна агенција да го зајакне надзорот на границите на земјата и во земјата со цел да се бори против новите закани од странство и дома.

Неговите коментари дојдоа еден ден откако тој направи ретка посета на Минск, фалејќи ги придобивките од соработката со соседниот сојузник Белорусија, поттикнувајќи ги стравувањата во Киев дека плановите за заедничка копнена офанзива се во тек.

Командантот на украинските здружени сили Серхи Најев рече дека верува оти средбата на Путин со неговиот белоруски колега ќе се однесува на „натамошна агресија врз Украина и поширокото вклучување на белоруските вооружени сили во операцијата против Украина, особено, според наше мислење, и на теренот“.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко постојано изјавува дека нема намера да испраќа трупи на неговата земја во Украина, откако на руските војници им обезбеди лансирна рампа за инвазијата во февруари.

Портпаролот на Стејт департментот на САД Нед Прајс рече Вашингтон ќе продолжи внимателно да следи дали Белорусија ќе му даде дополнителна поддршка на Путин и оти ќе одговори „соодветно“ доколку го направи тоа.

Кремљ ја отфрли сугестијата дека Путин сака да ја турне Белорусија во поактивна улога во конфликтот. Новинската агенција РИА Новости го цитираше портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков дека таквите извештаи се „неосновани“ и „глупави“.

Ниту еден од новинарите присутни на состанокот во понеделникот не го праша Путин или Лукашенко за војната.

Дел од информациите во овој текст се преземени од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG