Линкови за пристапност

Украинската војска соопшти дека соборила 30 од 35 беспилотни летала


Продолжуваат нападите со руски беспилотни летала во Украина, со најголем фокус на украинскиот главен град Киев, неколку часа откако претседателот Володимир Зеленски ги обнови своите повици до сојузниците да помогнат во зајакнувањето на украинската воздушна одбрана во нејзината битка против руската инвазија.

Украинската војска соопшти дека соборила 30 од 35 беспилотни летала што Русија ги лансирала. Градската администрација на Киев на Телеграм објави дека 23 од тие беспилотни летала биле наменати за напади во главниот град.

Властите во Киев рекоа дека нема пријавени жртви, според прелиминарните информации, додека украинскиот енергетски оператор Укренерго соопшти дека ќе спроведе итни исклучувања во областа Киев по нападите со леталата.

Зеленски во своето ноќно видео обраќање во неделата рече дека воздушната одбрана е „постојан приоритет“ за неговата администрација.

Оксана Маркарова, амбасадорка на Украина во Соединетите држави, изјави за емисијата „Оваа недела“ на Еј Би Си во неделата: „Гледаме што се случува кога немаме доволно воздушна одбрана“.

Маркарова рече дека половина од енергетската мрежа на Украина е уништена од руски ракети. „Мораме да го запреме. Единствениот начин да се направи тоа е со зголемен број на воздушна одбрана насекаде во Украина“, рече таа.

Американските власти соопштија дека планираат да испратат проектили за противвоздушна одбрана од типот „Патриот“ во Украина за да помогнат во соборувањето на руските дронови, но официјално соопштение не е објавено. Русија ја осуди очекуваната акција на САД и ја нарече провокација што го засилува американското учество во конфликтот.

Рускиот претседател Владимир Путин за денес е планирано да ја посети Белорусија.

Русија и Белорусија во октомври објавија дека започнуваат со заеднички регионални сили. Руската новинска агенција Интерфакс во понеделникот објави дека руското Министерство за одбрана соопшти дека војниците распоредени за тие напори ќе вршат воени вежби.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG