Алијанса за Албанците нема добиено покана да му се приклучи на парламентарното и владино мнозинство. Ова за Гласот на Америка го кажа претседателот на оваа партија, Арбен Таравари, по информациите, дека осумтемина нивни пратеници ќе го засилат владејачкото мнозинство.
„Нема дефинитивна одлука, но едно е сигурно - Алијанса за Албанците сите закони кои се во однос на започнувањето на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ ќе ги подржи безрезервно. Нема некоја понуда, а јас сум сега в.д. Претседател на партијата. Немам тела на партијата, освен Централното собрание, и ако има такво нешто јас не би можел и не сакам да одлучам сам. Таа одлука треба да ја донесат органите и телата на партијата.“
Таравари вели дека уставните измени треба да се подржат, и оти не гледа проблем во тоа Бугарите да бидат дел од Уставот на државата.
„Дали ќе поминат уставните измени не можам да тврдам, но дека мора да има уставни промени, нема дилеми. Македонија е на европски пат, иако со задоцнување, ни бегаат се повеќе и повеќе луѓе. Јас не мислам дека воведувањето на Бугарите, како една од етничките заедници кои живеат во Македонија би било некаков ризик за државата. Напротив мислам дека секоја држава, која што има повеќе етнички заедници во себе, е побогата. Со тоа се дава можност за поголема кохезивност на сите ние што живееме тука. Јас мислам дека сега сите гледаат како политички да профитираат, а треба да бидеме што порационални и да донесеме што е можно помудри одлуки зашто целта на сите кои живееме тука и на сите политички партии, е што побргу да се интегрираме во ЕУ“.
За една третина од населението кое живее тука, јазикот да му се нарекува „повеќе од 20 проценти“ мислам дека е недостоинствено. Јас мислам дека поголемиот дел на македонски политички партии немаат ништо против тоа.
Во однос формулацијата во одредбите на Уставот кои се однесуваат на јазикот, Таравари има став:
„Зборуваме за меѓусебен респект на нас што живееме тука. Македонците и Албанците се 91% од населението. Се повикувам на последниот попис. За една третина од населението кое живее тука, јазикот да му се нарекува „повеќе од 20 проценти“ мислам дека е недостоинствено. Јас мислам дека поголемиот дел на македонски политички партии немаат ништо против тоа. И се надевам дека за да покажеме меѓусебен респект, ќе го поминеме ова и мислам дека е апсолвирано ова прашање. Јас би сакал сите македонски партии во Македонија, да покажат респект, онака како што и ние, како нивни сограѓани, цело време бевме со нив и ги поддржувавме, и за идентитетот и за јазикот. Се надевам дека ќе има разбирање и ќе го поминеме онака како што треба“.