Линкови за пристапност

Влезени во политички ќорсокак: Како да се продолжи по европскиот пат?


Јазот меѓу партиите, според ситуацијата, не беше ниту намален, а камоли надминат на лидерската средба
Јазот меѓу партиите, според ситуацијата, не беше ниту намален, а камоли надминат на лидерската средба

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека најголем дел од политичките партии се за напредување кон Европа, но мнозинство за изгласување на промени во Уставот нема

Продолжува политичкиот ќор-сокак во Македонија. Ниту власта, ниту опозицијата, засега, ги немаат бројките во Собранието неопходни за исполнување на нивните цели – на мнозинството за уставни измени и вметнување на Бугарите, на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за распишување предвремени избори. Јазот, според ситуацијата, не беше ниту намален, а камоли надминат на лидерската средба. Премиерот, самиот потврдува дека има сериозно несогласување само со, како што вели, една или две партии кои не биле заинтересирани за европската иднина на земјата. Сепак, Ковачевски манифестира оптимизам.

Влезени во политички ќорсокак: Како да се продолжи по европскиот пат?
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:10 0:00

„Можам да кажам дека најголем дел од политичките партии, и тоа доминантно, се за продолжување на европскиот пат на државата, на исполнување на нашите обврски, секако придржувајќи се до заклучоците донесени во Собранието на 16 јули. Имаше една или две политички партии кои не се толку заинтересирани за европскиот пат. Јас нема да кажувам кои се, тоа нивните лидери нека си кажат... Сметам дека е добро што седнавме, има разлики со, еве да кажеме, една, две политички партии, но кога ќе се седне и ќе се разговара за иднината на државата, тогаш сметам дека има можност за зближување на ставовите“, вели Ковачевски.

Како би дошло до зближување на ставовите, во ситуација на толку спротивставени позиции, премиерот на прецизираше. Другиот табор, пак, се сомнева дека е можно, како што го нарекува, „Преспа-сценарио“. Опозицијата повторува дека ќе нема промена на уставот во ваква ситуација. Немањето двотретинско мнозинство Христијан Мицкоски сега го користи како аргумент дека токму затоа треба да се оди на предвремени избори.

„На сите нас ни е јасно дека нема мнозинство, дека нема 80 пратеници, од две третини кое ова го поддржува. Тоа е уште една причина да одиме на предвремени избори зашто единствената политика на СДСМ и на ДУИ пропаѓа. Дали ќе го применат методот од Преспа – па за уши да влечат пратеници и по список и уцени да гласаат не знам и не сакам да верувам, но имајќи го предвид карактерот на овие луѓе, тогаш се е можно. И затоа велиме ајде на брзи предвремени парламентарни избори да ја спасиме од агонија нашата Македонија. Тоа е суштината, затоа бараме предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски.

Позицијата на собранискиот спикер, инаку кадар на ДУИ, кој и самиот присуствуваше на средбата во парламентот, е дека уставните измени не се прашање на мнозинството или опозицијата, туку прашање за иднината на земјата.

„Што се однесува до уставните измени мислам дека сите субјекти дадоа мислење дека не е проблем вметнувањето на други заедници во Уставот. Уставните измени не е работа на интерес на мнозинства или опозиција туку тоа е суштина по која што треба да се оствари втората стратешка цел – едната е да се биде членка на НАТО, другата е да се биде членка на Европската Унија. Едната е веќе реализирана, во однос на другата во јули беше одржана првата меѓувладина конференција со ЕУ, а во септември почна скрининг процесот и една од нашите обврски се уставните измени, тоа е во интерес на граѓаните и на државата, а не на теснопартиските интереси“, рече Џафери.

Информациите дека Алијанса за Албанците, партија со 8 пратеници во Собранието, преговара за влез во владата премиерот не ги потврди, велејќи дека во моментот не се разговара за Алијанса да стане дел од мнозинството.

Но, и со тие дополнителни пратеници власта ќе го нема потребното двотретинско мнозинство за успешно завршување на процесот на уставни измени. Оттука, прашањето е како ќе се дојде до промена на Уставот, услов неопходен за продолжување на преговарачкиот процес кој сега е во фаза на скрининг.

XS
SM
MD
LG