Линкови за пристапност

Игор Штикс,  книжевник и политиколог: Ќе се игра на картата на стравот за да се смири јавноста


Штикс: На популацијата ќе ѝ се нуди стара песна, а тоа е националното прашање, како најголемо нерешено прашање
Штикс: На популацијата ќе ѝ се нуди стара песна, а тоа е националното прашање, како најголемо нерешено прашање

Некои политички структури можат да ги искористат економската криза и војната во Украина за нови немири и прекројувања на Балканот. Можно е креирање и чувство на страв, за да се смири незадоволството од кризата, вели Игор Штикс, писател и политиколог од Хрватска

СКОПЈЕ - Создавање страв за нови војни, за нерешени национални прашања, за промени на границите, се можните следни чекори што политичките елити на Балканот би ги примениле за да се тргне вниманието од економската криза. Така смета Игор Штикс, хрватско-босански книжевник и професор за политички, општествени и културолошки проблематики.

„Најголемиот страв во таа ситуација, во која е целосно јасно дека елитите на власта се делегитимизираат, како неспособни, корумпирани, клептократски, е дека тогаш на популацијата ќе ѝ се нуди стара песна, а тоа е националното прашање. Како најголемо нерешено прашање, за идентитетот, за границите, за судири, за потенцијална војна. Ќе се игра на картата на стравот, за да се смири јавноста“, вели Штикс.

Со него разговаравме во рамките на фестивалот „Букстар“ во Скопје. Посочи дека сегашната криза може да доведе до превирања на Балканот.

Неможноста да го покриете енергетскиот сектор, неможноста да обезбедите основни намирници, води кон општествени немири и кон криза за која не сум сигурен дека овие, таканаречени, политички елити, можат да ја менаџираат

„Неможноста да ги плаќате долговите, неможноста да го покриете енергетскиот сектор, неможноста да обезбедите основни намирници. Сето тоа води кон општествени немири и кон една криза за која не сум сигурен дека овие, таканаречени, политички елити, можат да ја менаџираат. Ниту се способни за тоа, ниту државите имаат доволно капацитети бидејќи се разрушени од внатре. Институциите се поткопани, а тоа веќе го видовме и во кризата со корона вирусот“, истакнува Штикс.

Општествените процеси се дел од неговите предавања на универзитетите во Белград и во Љубљана. Вели дека долгиот процес на транзиција низ балканските земји овозможил создавање политичка олигархија, наместо демократија.

„Но, ако сакаме да ја демократизираме демократијата, тогаш мораме да мислиме на некои други облици на демократија. Во таа смисла сум повеќе наклонет кон партиципација, делиберација, вклучување на граѓаните во носењето одлуки. Сосема е јасно дека овој систем е тука исклучително да ѝ даде легитимност на таа олигархија која е на власт. Која е на власт и во економијата и во политиката. Се работи за една длабока спрега на таа таканаречена елита, на чија алчност ѝ нема крај“, смета нашиот соговорник.

Игор Штикс беше гостин на фестивалот „Букстар“ во Скопје
Игор Штикс беше гостин на фестивалот „Букстар“ во Скопје

Професорот стравува и дека војната во Украина може да стане нечиј изговор за нови непријателства на балканско тло.

„Гледаме дека различните национални и религиски ориентации сметаат дека оваа војна отвора некоја можност за некои нови поделби на картите на Балканот, дека не е готово со деведесеттите. Тоа го сметам за најопасно во оваа ситуација“, вели Штикс.

За можната нестабилност во регионот, посочува прст и кон Европската унија.

„Мораме да кажеме дека Европската унија направи голема грешка со тоа што го остави ова балканско гето. Ги заобиколи земјите на Западен Балкан. Успеа да ја припои Хрватска. Но, направи една долгорочна, стратешка грешка со тоа што не најде начин да ги интегрира и овие земји и на тој начин, барем политички, да ги стабилизира“, истакнува тој.

Нашиот соговорник сепак верува во прогрес на Балканот, но преку културолошка и национална разноликост.

„Мораат да работат на тоа да сфатат дека мора да се прифати различното и да им се подаде рака на тие што немаат. Во тоа би можеле да поставиме основа за некое подобро општество во кое ќе живееме и ние и нашите деца. Во кое нема да стравуваме за тоа што ќе се случи утре. Но, и натаму стравуваме“, заклучува професорот, книжевникот и политички теоретичар, Игор Штикс.

XS
SM
MD
LG