Северна Македонија нема да ги признае резултатите од референдумите што се спроведоа во 4 области во Украина кои се под целосна или делумна руска окупација. Ставот на македонската дипломатија е дека овие „изјаснувања на граѓаните“ претставуваат алиби на Москва за продолжување на агресијата. Официјално Скопје ја повторува позицијата – Русија ги крши принципите на меѓународното право и темелите на европската безбедносна архитектура.
„Рушењето на принципите на меѓународното право го ставаат светот во ризик за нови војни и конфликти и пристапи поголеми држави да напаѓаат помали. Оттука е многу важно Украина да победи во оваа војна. Затоа е многу чудно што има граѓани на Северна Македонија кои сметаат дека е оправдана руската агресија и затоа треба повеќе јавно да зборуваме од последиците на агресијата, на употребата на нуклеарно оружје, од создавање манипулативни референдуми за анектирање на делови од други држави. Тоа се манипулативни референдуми кои имаат за цел создавање лажно алиби за анектирање на окупирани територии и ние нема да признаеме такви референдуми, ниту резултатите од такви референдуми.“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија.
Османи потврди дека односите со Руската Федерација се на исклучително ниско ниво – политичка комуникација нема, тој не се сретнал со рускиот амбасадор во земјава. За нормализирање на релациите, мора да прекине агресијата, вели шефот на дипломатијата. Не се исклучува опцијата за нови мерки во визниот режим по егзодусот на десетици илјади руски државјани кои бегаат од мобилизацијата...
„ЕУ нема донесено заеднички став по однос на визниот режим за руските граѓани. Ние до сега се придруживме до сите одлуки на ЕУ. Сега, ЕУ нема заедничка одлука за ова прашање и остава земјите-членки да донесат поединечно одлуки во согласност со нивните национални политики. Северна Македонија нема донесено таква одлука, имаме визен режим со Русија и мислиме дека тоа е доволен инструмент. Но, тој став може да се промени во однос на развојот на настаните.“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија.
Политички турбуленции во регионот, во однос на војната во Украина, предизвика српско-рускиот договор за одржување редовни консултации во делот на надворешната политика. Брисел не го крие своето незадоволство од потезите на Белград кои ги смета за зајакнување на соработката со Москва во екот на воената криза.
„ЕУ беше многу јасна кон земјите партнери, особено кон државите кои се во пристапниот процес, а Србија е кандидатка за членство, дека во дадените услови односите со Русија не можат да продолжат со вообичаеното темпо, со овој режим кој изврши толку многу злосторства и затоа ситуацијата ја земаме многу сериозно и внимателно ја следиме.“, изјави Петер Стано, портпарол на Службата за надворешни работи на ЕУ.
Како земја - кандидатка Северна Македонија, за разлика од Србија, од почетокот на агресијата врз Украина се приклучи на сите санкции на Европската Унија против Руската Федерација, а протера и десетина дипломати од руската амбасада образложувајќи дека „извршувале активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи“ .