СКОПЈЕ- Падна митот за големата руска армија, Украина има силна воља да ги ослободи своите територии и може да ја заврши војната во сопствена корист, но со западна помош. Така сметаат наши познавачи за безбедносни прашања, откако украинските сили ја вратија контролата врз поголема територија окупирана од Русија.
„Падна големиот руски мит дека Украина и Киев ќе се освојат за петнаесет дена. Големата руска армија не ја извојува победата во изминатите шест месеци. Значи, нема дилема дека Украина ќе ја зачува својата територија, нема дилема дека Украина ќе победи“, вели универзитетскиот професор по безбедносни стратегии, Марјан Ѓуровски.
Магистерот по политички науки од организацијата „EU Watch“, Ненад Јурдана, смета дека сегашната состојба на теренот е на Украинска страна.
„Мислам дека ако продолжи трендот на ослободување територии од страна на Украина, мислам дека Украина, на крајот од овој конфликт, ќе остане независна, ќе остане демократска земја и ќе биде земја која сигурно ќе чекори кон европскиот пат“, вели Јурдана.
Познавачите на состојбите сметаат дека со доаѓањето на зимата е можно привремено замрзнување на воениот судир. Според политикологот Јурдана, иницијативата ќе биде на украинска страна.
„Иако постои реален ризик за замрзнување на конфликтот, сè уште кај украинската страна доминира мислењето дека, без разлика што сака Русија, ние сакаме да си ги ослободиме териториите, сакаме да бидеме независна држава, сакаме да одиме по европскиот пат“, истакнува Јурдана.
За професорот Ѓуровски, пак, сегашните успеси на украинската армија не значат и крај на војната.
„Сега сме далеку од мирно решение за воената агресија на Русија врз Украина. И, на тој начин ќе имаме еден замрзнат конфликт на европскиот континент малку подолг период... Најважно е на почетокот, но и сега, да не дојде до директен воен конфликт меѓу Русија и Северно-атлантската алијанса, бидејќи тоа ќе значи нова светска војна. Воедно, сите тие воени судири што се на територијата на Украина, не би смеело да се прелеат на соседните држави“, смета Ѓуровски.
Политикологот Јурдана ги објаснува и релациите меѓу Кина и Русија.
„Меѓу нив тоа не е партнерство кое е братско. За последната средба меѓу Путин и Си Џинпинг, од руска стана во неколку наврати стои дека тоа е стратегиско партнерство. Од кинеска страна, за истата сред ба се вели дека е билатерално партнерство. Така, Кина, барем на јавен план, гледа да не биде јасно ‘за’ Русија во поглед на војната“, посочува Јурдана.
Руската федерација ќе се обиде да отвори бројни политички и безбедносни прашања и на Балканот и во Европа, и на тој начин да го дефокусира вниманиетоМарјан Ѓуровски
Не се исклучува и можноста за руско иницирање нови кризи.
„Ќе се обиде Руската федерација да отвори бројни политички и безбедносни прашања и на Балканот и во Европа, и на тој начин да го дефокусира вниманието“, вели Ѓуровски.
Професорот нагласува дека вината за кризата со енергенсите е токму кај Москва и нејзината воена агресија. Посочува дека е неопходна победа на демократските вредности.
„Во однос на победата на Украина, да продолжи и да се зголеми воената помош во вооружување и опрема на САД, Велика Британија и другите западни земји за Киев. За на крајот, да победат западните европски демократски вредности. За жал со оружје, но на крајот, Украина е таа што ја брани сопствената територија“, заклучува професорот Ѓуровски.
Facebook Forum