Русија ги започна еднонеделните воени вежби во кои учествуваат сили од Кина и други нации во знак на растечка одбранбена соработка меѓу Москва и Пекинг, бидејќи и двете сили се соочуваат со напнатост со САД, објави Асошиејтед прес.
Според АП, маневрите исто така имаат за цел да покажат дека Москва има доволно воена моќ за масовни вежби, дури и кога нејзините војници се вклучени во воена акција во Украина.
Руското министерство за одбрана соопшти дека вежбата „Восток, 2022“ (Исток 2022) ќе трае до 7 септември на седум полигони на далечниот исток на Русија и Јапонското море и во неа учествуваат повеќе од 50.000 војници и над 5.000 единици, вклучувајќи 140 авиони и 60 воени бродови.
Началникот на рускиот Генералштаб, генерал Валериј Герасимов, лично ќе ги надгледува вежбите во кои ќе учествуваат војници од неколку поранешни советски земји, Кина, Индија, Лаос, Монголија, Никарагва и Сирија.
Асошиејтед прес пренесе дека Министерството за одбрана истакна дека како дел од маневрите, руската и кинеската морнарица во Јапонското Море „ќе вежбаат заедничка акција за заштита на морските комуникации, областите на поморската економска активност и поддршката за копнените трупи во приморските области“.
Вежбите покажуваат зголемени одбранбени врски меѓу Москва и Пекинг, кои станаа посилни откако рускиот претседател Владимир Путин ги испрати своите војници за инвазијата врз Украина на 24 февруари.
Кина одби да ја критикува акцијата на Русија, обвинувајќи ги САД и НАТО за провокација на Москва и ги осуди казните санкции наметнати на Москва. Русија, пак, силно ја поддржа Кина во услови на тензии со САД кои уследија по неодамнешната посета на Тајван од страна на спикерката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси.
Путин направи паралела меѓу американската поддршка за Украина и патувањето на Пелоси, опишувајќи ги како дел од наводните напори на Вашингтон да поттикне глобална нестабилност.
Александар Габујев, политички аналитичар кој внимателно ги следи односите меѓу Русија и Кина, истакна дека „многу е важно Пекинг да им покаже на „САД дека има лостови за притисок врз Америка и нејзините глобални интереси“. „Заедничките маневри со Москва, вклучително и поморските вежби, имаат за цел да сигнализираат дека ако продолжи притисокот врз Пекинг, тој нема да има друг избор освен да го зајакне военото партнерство со Русија“, рече Габујев.
„Тоа ќе има директно влијание врз интересите на САД и нивните сојузници, вклучително и Јапонија“, вели тој.
Тој истакна дека Кремљ, од своја страна, сака да покаже дека војската на земјата е доволно моќна за да ги раздвижи своите мускули на друго место и покрај кампањата во Украина. „Руското раководство покажува дека сè оди според планот и дека земјата и нејзината војска имаат ресурси да ги спроведат маневрите заедно со специјалната воена операција“, рече Габујев.
Вежбата ја продолжува серијата заеднички воени игри на Русија и Кина во последниве години, вклучувајќи поморски вежби и патроли на бомбардери со долг дострел над Јапонското Море и Источното Кинеско Море. Минатата година руските војници за прв пат се распоредија на кинеска територија за заеднички маневри. Учеството на Кина во вежбите „има за цел да ја продлабочи прагматичните и пријателска соработка меѓу војските на земјите - учеснички, да го подобри нивото на стратешка соработка меѓу сите учесници и да ја подобри способноста за заеднички одговор на различни безбедносни закани“, изјави Тан Кефеи, портпаролот на кинеското Министерство за одбрана.
Путин и кинескиот претседател Џинпинг развија силни лични врски за да го зајакнат „стратешкото партнерство“ меѓу поранешните комунистички ривали бидејќи и двајцата се заглавени во ривалство со САД.
И покрај тоа што Москва и Пекинг во минатото ја отфрлија можноста за формирање воен сојуз, Путин рече дека таквата перспектива не може да се исклучи.
Тој, исто така, истакна дека Русија споделува многу чувствителни воени технологии со Кина кои помогнаа значително да ја зајакне нејзината одбранбена способност.