Тешки борби се водат во регионот Керсон во јужна Украина соопштија од претседателскиот кабинет на Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето ноќно обраќање во понеделникот вети дека украинските сили ќе ја вратат нивната територија. Тој рече дека Украина ќе ги протера руските сили „до границата“.
„Ако сакаат да преживеат - време е руската војска да се повлече. Одете дома“, рече тој.
Британското Министерство за одбрана во вторникот соопшти дека од почетокот на понеделникот, „неколку бригади на украинските вооружени сили ја зголемиле тежината на артилерискиот оган во секторите на линијата на фронтот низ јужна Украина“.
Се додава дека од почетокот на август, Русија работи на зајакнување на своето присуство на западниот брег на реката Днепро во областа Керсон.
„Повеќето од единиците околу Керсон се веројатно недоволно екипирани и се потпираат на кревките линии за снабдување со траект и понтонски мостови преку Днепро“, соопшти британското Министерство за одбрана.
Руското Министерство за одбрана, пак, во понеделникот соопшти дека руските сили ги запреле украинските напади во регионите Херсон и Миколаев и им нанеле „тешки загуби“ на украинските сили.
Висок американски одбранбен функционер изјави за новинарите во понеделникот дека САД ќе имаат повеќе информации за офанзивата на Украина во близина на Керсон „во следните 24 до 36 часа“. Официјалниот претставник рече дека бројот на украинските сили добива на еднаквост со руските сили на југ.
„Дали тие се во офанзива? Мислам дека се“, рече функционерот.
Русија не успеа да го заземе главниот град Киев во северна Украина во првиот напад што започна кон крајот на февруари, но подоцна ја презеде контролата врз широки делови од копното на југ долж брегот на Црното Море.
Борбите со месеци се фокусирани на источна Украина во регионот на Донбас, каде што сепаратистите поддржани од Русија и силите на Киев се борат од 2014-та година, истата година кога Москва го зазеде украинскиот полуостров Крим во потег што не беше признат од меѓународната заедница.
Конфликтот во источна Украина е во ќорсокак со недели, при што Русија и Украина постепено добиваат или губат територии.
Но, западните сојузници, предводени од Соединетите Држави, продолжија да испорачуваат вооружување на владата во Киев, што веројатно и дава нова доверба на Украина да нападне подалеку во јужните делови на земјата.
Некои информации за оваа вест се од Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс.