Линкови за пристапност

Горбачов беше човек со извонредна визија, рече Бајден


Михаил Горбачов, кој ја заврши Студената војна без крвопролевање, но не успеа да го спречи распадот на Советскиот Сојуз, почина во вторникот на 91-годишна возраст, соопштија властите на болницата во Москва.

Американскиот претседател Џо Бајден во изјава доцна во вторникот рече дека Горбачов „беше човек со извонредна визија“.

„Како лидер на СССР, тој работеше со претседателот Реган за да ги намали нуклеарните арсенали на нашите две земји, на олеснување на луѓето ширум светот кои се молат за крај на трката за нуклеарно вооружување“, рече Бајден.

„После децении брутална политичка репресија, тој ги прифати демократските реформи. Тој веруваше во отвореност и преструктуирање - не како обични слогани, туку како пат напред за народот на Советскиот Сојуз по толку години изолација и лишување“, додаде Бајден.

Рускиот претседател Владимир Путин изрази „најдлабоко сочувство“, соопшти рускиот портпарол.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека е длабоко тажен што дознал за смртта на Михаил Горбачов, опишувајќи го како „уникатен државник кој го променил текот на историјата“.

Поранешниот американски државен секретар Џејмс Бејкер Трети рече дека историјата ќе го памети Михаил Горбачов како џин кој ја насочил својата голема нација кон демократија.

Дипломатските напори на Горбачов му ја донесоа Нобеловата награда за мир и трајното непријателство на милиони Руси огорчено поради хаосот предизвикан од распадот на најголемата земја во светот.

Горбачов повика на прекин на трката во вооружување и ги подобри односите со Вашингтон, помагајќи да се отстранат илјадниците боеви глави кои и се закануваа на Европа со уништување со потпишување на договорот за нуклеарни сили со среден дострел (ИНФ) со американскиот претседател Роналд Реган во 1987 година. Во 1989 година тој ја заврши советската војна во Авганистан, започната 10 години порано под Леонид Брежњев.

XS
SM
MD
LG