Линкови за пристапност

Пелоси стигна во Сингапур, не се знае дали ќе го посети и Тајван


Кина предупреди на последици доколку спикерката на Претставничкиот дом го посети островот
Кина предупреди на последици доколку спикерката на Претставничкиот дом го посети островот

Спикерката на Претставничкиот дом на САД Ненси Пелоси, денес пристигна во дводневна посета на Сингапур, предводејќи ја конгресната делегација во Азија, среде шпекулациите дека патувањето би можело да вклучи и застанување во Тајван.

Сингапурското министерство за надворешни работи соопшти дека Пелоси ќе се сретне со премиерот Ли Хсиен Лунг и други официјални претставници.

Во изјавата вчера, Пелоси рече дека во група има пет други демократски законодавци, „за да ја потврди силната и непоколеблива посветеност на Америка кон нашите сојузници и пријатели во регионот“.

Таа не спомна дали ќе ѝ пркоси на Кина со тоа што ќе застане во Тајван, покрај Малезија, Јужна Кореја и Јапонија меѓу планираните посети.

Американските медиуми во петокот објавија дека Пелоси планира да застане во Тајван. За таквата можност индиректно зборуваше и самата Пелоси, иако нејзината канцеларија не ја потврди, повикувајќи се на безбедносни протоколи.

Тоа би била посета на Тајван на највисоко ниво на САД од 1997 година, кога поранешниот спикер на Претставничкиот дом Њут Гингрич ја предводеше конгресната делегација таму.

Кина во повеќе наврати повтори дека патувањето на Пелоси ќе биде неприфатливо кршење на она што го гледа како нејзин суверенитет над самоуправниот остров.

Тајван и Кина се разделија во 1949 година по граѓанска војна, при што поразените националистички сили побегнаа во Тајван и формираа влада која подоцна прерасна во енергична демократија.

Оттогаш, Комунистичката партија на Кина вети дека ќе го заземе Тајван, користејќи сила доколку е потребно, иако островот никогаш не бил предводен од Комунистичката партија.

Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG