Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека ја обновила глобалната стратегија за вакцини против ковид-19 за да даде приоритет на оние кои се најзагрозени од болеста, откако не ја постигна својата цел да вакцинира 70 отсто од населението во секоја земја до средината на годинава.
СЗО вели дека пандемијата е далеку од завршена, истакнувајќи дека глобалниот неделен број на пријавени случаи на ковид-19 е речиси двојно зголемен во изминатите шест недели.
Генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус, вели дека смртните случаи исто така се зголемуваат, но не толку брзо како бројот на заразени.
Сепак, тој предупредува дека повеќе случаи значат повеќе хоспитализации и дека може да се очекуваат повеќе смртни случаи во наредните недели.
„Нашите сегашни вакцини остануваат високо ефикасни против тешки болести и смрт. Фокусот во секоја земја мора да биде да се вакцинираат сите здравствени работници, сите постари луѓе и сите луѓе во најголем ризик. Ќе ни требаат повеќе вакцини кои се подобри во заштитата од инфекција“, рече Тедрос.
Ажурирањето на стратегијата повикува на вакцинирање на 100 отсто од здравствените работници и 100 проценти од најризичните граѓани, како што се постарите и оние со здравствени проблеми.
Стратегијата предидува дека треба да примаат и примарни вакцини и засилувачки дози.
Здравствената агенција на Обединетите нации вели дека мора да се вложат повеќе напори за да се допре до високоризично население во посиромашните земји, од кои премногу беа пропуштени за време на глобалното вакцинирање против ковид-19.
Се вели дека повеќе од 12 милијарди дози се администрирани ширум светот. Сепак, се наведува дека само 28 од постарата популација и 37 отсто од здравствените работници во посиромашните земји биле вакцинирани, а повеќето не примиле бустери.
Тедрос вели дека коронавирусот продолжува да се развива и ќе мора да се развијат вакцини за да се одржи чекор со новите варијанти.
Тој предупредува дека глобалното закрепнување од пандемијата ќе биде изложено на ризик доколку продолжи да се занемарува сиромашното население.
„И ако и кога ќе ги добиеме тие вакцини, не можеме да си ја дозволиме истата ужасна нееднаквост со вакцините минатата година“, рече Тедрос.
Според него, вакцинирањето на сите оние кои се изложени на најголем ризик е единствениот најдобар начин да се спасат животи, да се заштитат здравствените системи и да се одржат отворени општествата и економиите.