Во пресрет на одржување на собраниската седница, аналитичарите сметаат дека власта предводена од СДСМ и ДУИ е решена да даде позитивно мислење за францускиот предлог, кој е основа за тргање на бугарското вето, за почеток на преговорите на земјава со ЕУ.
Доволно е просто мнозинство, за да се изгласаат заклучоците, односно информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ.
„Засега изгледа дека владејачкото мнозинство е решeно да оди докрај и да обебзеди мнозинство за предлогот. Ова се прави без никакви аргументи, освен заплашувања, наспроти мислењата на независните експерти и огромно мнозинство на граѓаните, што е рамно на удирање „главa во ѕид“. Се чини дека се многу помали шансите партиите да се надминат себеси и да донесат заклучоци со поголемо ниво на согласност“, изјави за Гласот на Америка, Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европски политики.
„Очекувам предлогот да помине во Собрание. Се разбира дека клучен е легитимитетот, кој што би го дале етничките македонски партии, или оние што ги претставуваат повеќе македонските гласачи. Но, во случајот тоа изостанува и може да биде сериозен проблем, за воопшто прифаќање на овој процес на преговарање во иднина, од страна на поголемиот дел од нашите граѓани“, вели Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија.
Андреја Стојковски, од Институтот „Преспа“ вели дека „не само што очекувам дека ќе помине, туку мислам и дека треба да помине“.
„Предлогот е едностран, нефер и штетен за политиката на проширување, но значи некакво решение на проблемот помеѓу Бугарија и Северна Македонија, а актуелната влада во Софија посочи повеќе пати дека за неа тоа е основ да го подигне ветото кое го вложи за нашето пристапување. Затоа што ја има предвид позицијата на држава членка, која ја става Северна Македонија во нефер состојба да не може да стори многу за себе и го нарушува кредибилитетот на Унијата. Дополнително, предизвикува проблем за условеноста на пристапувањето и владеењето на правото. Сепак, ова се еднострани гледања и анализи, треба да се биде реален и да се гледа на капацитетот да го подигне ветото и на актуелната состојба и ризиците кои постојат“, вели Стојковски.
Предлогот, исто така, овозможува државава да се движи напред, да го промени својот статус и забрзано да работи на преземање на европското законодавство, додава Стојковски.
Што добива Северна Македонија, а што губи од францускиот предлог?
„Со прифаќањето на суштествените бугарски услови и вградувањето механизми за нивно исполнување во преговарачкиот процес се прави преседан во проширувањето. Усвојувањето на предлогот ја води Македонија во долгорочна политичка и поширока општествена криза. Покрај тоа, на државата и на општеството во целина му се наметнува една агенда која што нема врска со стандардите на ЕУ. Таквата наметната агенда, која од друга страна и лично го погодува секој граѓанин, а особено македонското мнозинство, кое ја загуби довербата во ЕУ, ќе произведува постојани подвојувања во општеството по различни линии“, вели Ристевска Јорданова.
Според Трошановски, и во случај да се одбие и во случај да се прифати предлогот, политичката криза во земјата е нешто што неизбежно следува.
„Мислам дека со прифаќање на ваквиот предлог, веројатноста дека преговарачкиот процес, ќе се претвори во долго измачување и напливи на национализам, популизам, кои ќе ја засенуваат внатрешната мотивација за реформи е нешто сосема веројатно, кое можеме да го очекуваме. Додека ако го отфрлиме истиот, во догледен период од неколку години или барем до завршување на војната во Украина, нема да добиеме некој нов предлог, а во случај и да го добиеме, поради веќе прифатените позиции во преговарачката рамка, од страна на нашата влада, мислам дека многу поразличен предлог од овој неможе да очекуваме“.
Стојковски, пак, рече:
„Предлогот го има предвид актуелниот момент и ризиците кои постојат колку за Северна Македонија, толку и за останатите држави од Западен Балкан, дури и за некои од ЕУ. Војната во Украина и засилената руска пропаганда, не оставаат простор за чекање, а историјата не учи дека секој пат, секој следен предлог бил полош од претходниот. Ако се гледа од тоа што Северна Македонија добива, тогаш да го додадам и фактот дека добива признаен македонски јазик во ЕУ, кој ќе биде службен јазик на Унијата во моментот на пристапување, како и пристап до поголеми фондови и шанса преку учество и преговори „на истиот форум“ да ги заштитува своите интереси“.
Додека власта го брани предлогот, опозицијата го критикува дека е лош за државата. За нив сомнителен е фактот што власта се` уштене го објавува протоколот, кој треба да биде потпишан меѓу Софија и Скопје.
Опозицијата бара Владата да го објави протоколот, велејќи дека е сомнително што овој протокол се чува во тајност.