Линкови за пристапност

Деветти ден протести: Многу полиција и без инциденти кај „Скендербег“


 Овој пат колоната демонстранти помина, без да дојде до тензии и физички пресметки кај плоштадот „Скендербег“
Овој пат колоната демонстранти помина, без да дојде до тензии и физички пресметки кај плоштадот „Скендербег“

Во делот од маршрутата што поминува покрај плоштадот каде минатата недела беше употребено огнено оружје, денеска имаше засилено полициско обезбедување, а специјална полициска единица беше распоредена и на влезовите кон Старата чаршија

Со засилена полициско обезбедување во дел од маршрутата помина деветтиот ден од протестите против францускиот предлог за почеток на преговорите со ЕУ. Поворката демонстранти се врати на првичната рута: Влада - Министерството за надворешни работи - Собрание.

Во делот од маршрутата што поминува покрај плоштадот „Скендербег“ имаше засилено полициско обезбедување, додека специјални полициски екипи беа распоредени и на влезовите од Старата чаршија.

На тоа место минатата недела дојде до тензии во кои дојде до судир меѓу дел од учесниците во протестот и лица што тогаш дојдоа од Старата чаршија, кои употребија и огнено оружје со пукање во воздух. Овој пат колоната демонстранти помина, без да дојде до физички пресметки.

Главната содржина на протестот, кој со одделни пароли го предводат членови на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица се одржа пред Собранието.

Меѓу лицата што се обратија до присутните беше и претседателот на дипломатскиот синдикат Зоран Дабиќ, кој рече дека министерот за надворешни работи Бујар Османи не им го покажал францускиот предлог.

„Бујар ве лажеше дека високите дипломати го виделе францускиот предлог и го анализирале. Тоа не е точно. Не само предлогот, туку и протоколот за кој деновиве се зборува, не е влезен низ главната врата на МНР, не е влезен низ архивата со бројче, како што заслужува. Можеби е влезен од некоја задна врата“, рече Дабиќ во обраќањето до демонстрантите.

Адвокатката Ружица Николовска, пак, упати негодување за воведување на Бугарите во Уставот.

„Нималку не е наивно тоа што се обидуваат, како едно наивно прашање, да го вметнат и ставањето на Бугарите во Уставот на Република Македонија. Ако тоа го дозволиме, значи дека ќе дозволиме слободно да ни се истакнуваат бугарски симболи, да ни се зборува на бугарски јазик овде. Ние имаме наша историја, наш идентитет. Не смееме сето тоа да го изгубиме“, рече Николовска.

Протестот продолжува и утре, по истата рута како и денеска. Францускиот предлог е ставен на дневен ред за в четврток во Македонското собрание.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG