Линкови за пристапност

Трамп мислел оти Мајк Пенс заслужил да биде обесен оти не го стопирал изборниот резултат, рече поранешна помошничка во Белата куќа


Кесиди Хачинсон вчера сведочеше во Конгресот во истрагата за нападот на 6 јануари 2021 година
Кесиди Хачинсон вчера сведочеше во Конгресот во истрагата за нападот на 6 јануари 2021 година

Поранешната помошничка во Белата куќа Кесиди Хачинсон, рече дека поранешниот претседател Доналд Трамп бил многу лут и непредвидлив поради поразот на изборите во 2020, и се согласил со неговите поддржувачи, кои го нападнаа Конгресот на 6 јануари минатата година, дека поранешниот потпретседател Мајк Пенс заслужил да биде обесен оти одбил да го блокира изборниот резултат.

Хачинсон ова го кажа за време на нејзиното сведочење во Конгресот, како дел од истрагата за нападот на Капитол.

Хачинсон рече дека Трамп му кажал на Марк Медоус, тогашниот шеф на Кабинет на Белата куќа, дека „Мајк го заслужува тоа“.

Таа ја цитираше изјавата на Медоус дека Трамп „не мисли оти демонстрантите против Пенс правеле нешто погрешно“.

Поддржувачите на Трамп поставија бесилка на Националното шеталиште пред Конгресот, иако обезбедувањето го однесе Пенс на безбедно место додека траеше нападот. Некои демонстранти успеаја да дојдоат на околу 12 метри од Пенс.

Подоцна, Трамп твитна дека „Мајк Пенс немал храброст“ да го блокира Конгресот да го потврди Џо Бајден за победник на изборите во 2020 година.

Хачинсон, која работела во канцеларија на само неколку чекори од Овалната соба на Трамп, рече дека таа слушнала од Ентони Орнато, помошник на Медоус одговорен за координација на обезбедувањето на Трамп, дека тогашниот претседател, по протестот во близина на Белата куќа кусо пред нападот ан Конгресот, се обидел да го зграпчи воланот на службената лимузина за да оди во Конгресот и да им се придружи на неговите поддржувачи.

Хачинсон сведочеше на шестото сослушување на Комисијата на Претставничкиот дом за истрага на 6 јануари овој месец, а закажани се уште две други за средината на јули.

XS
SM
MD
LG