Конгресната комисија која го истражува нападот на американскиот Конгрес на 6. јануари 2021 година, денес одржува непланирано сослушување „за да ги претстави неодамна добиените докази и да добие изјави од сведоците“.
Во соопштението на комисијата со кое се најавува сослушувањето не се идентификува сведокот или сведоците, ниту дополнителни детали за доказите што ќе ги прикаже.
Сослушувањето е изненадување, бидејќи комисијата рече дека следните сослушувања ќе се одржат во јули, и ќе се фокусираат на домашните екстремисти кои упаднаа во Конгресот, како и на дејствијата на поранешниот претседател Доналд Трамп додека траеше нападот.
Поддржувачите на Трамп упаднаа во Конгресот додека законодавците заседаваа да ја потврдат победата на претседателот Џо Бајден на изборите во 2020 година.
На пет претходни комисиски сослушувања беше користено видео од нападот, снимени сведоштва и интервјуа во живо, за да се покаже како Трамп и неговите сојузници се обидуваат да извршат притисок врз поранешниот потпретседател Мајк Пенс, Одделот за правда и државните службеници кои ги потврдуваат изборните резултати.
Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес и Ројтерс